Во мое време…
Се спремам јас во 10 навечер и дедо ме начекува во ходник додека облекувам штикли и наметнувам капут. „Се врати дедино?“ – „Не бе дедо, сега ќе излезам.“ Тој облечен во пижами ги ококорува очите. Ништо не му е сфатливо. Барем да живеевме заедно ќе си беше навикнат човекот, вака одвреме-навреме му приредувам стрес-тест. Па си врти филмови во главата, па се присетува како било во негово време. Знам, го читам, ама нејќе да коментира гласно и за тоа да му е алал.Знам дека кога и јас ќе имам внуци, светот има да биде сосем различен од она што е сега, и тоа е нормално. Ако не, ај да не се менува ништо, да си се храниме од глинени чинии, да живееме во колиби, да не користиме нова технологија која е измислена за да ни го олесни животот.
Во мое време одевме пешки до соседното село за на училиште, а кога ќе се вратевме молзевме крави и помагавме по нивите. Добро, ако тоа би те направило среќен, запиши си го детето на школо подалеку од местото на живеење, купи една нива во близина, па и крави, и чувствувај го амбиентот „како во твое време“.
Всушност, не е човек да им замери на постарите, ама во секој случај имам право да им замерам на помладите. Да, и тие си имаат „свое време“, како и навика да си прикажуваат за истото. Ах, кога јас бев студент, тоа беше генерација на вистински студенти, не сега… И продолжува да ломоти за тоа како во негово време факултетите биле потешки и дипломата држела вода. Да, а ние денешниве студенти летаме од радост и среќа, и просто нашиот студентски живот е лесен како пердув. Луѓе, тоа се промени во образовниот систем, и додека не знаеш како му е на некого во кожата, не коментирај! Ако во иднина студирањето на некој начин се олесни (макар навидум), ќе им се турите на кутрите студенти кои студираат далеку од дома и се прехрануваат со ајвар и домашни јуфки, дека нив цвеќиња им цветаат за разлика од тоа како било во ваше време!?
Друг нашироко познат бисер, самопрогласените експерти (кои можеби уште ни диплома не зеле), знаат да оценуваат туѓи факултети. На кој факултет си се запишала? Ха, па работата е да се запишеш на факултет а не на курс! И секако, вие од приватните факултети ништо не учите и оценките ви ги тресат од џебовите. Се разбира, пошто на никој државен факултет никогаш не се случило професор да побара пари за оценка, и твојот факултет е просто пример за една утопија каде сечиј труд е беспрекорно и најточно-на-цел-свет оценет.
Да видиш како ми е мене, јас колку учам, главата ми чади, не знам кај да се свртам, имам 5.000 книги и уште тридупло скрипти, а тек ако бројам хендаути и белешки и… Извини, ама ако ти е толку неподносливо на факултет, само за информација, не е задолжителен. Фала богу нашава земја располага со еден куп необработено земјиште и ниви, земи работи си или купи си стадо овци и заработувај за живот. Мислам, не е во ред да поминуваш низ таква тортура ако не си способен да издржиш.
Да, разбирам јас дека во денешно време има премногу студенти, дека неретко некој ќе земе диплома иако не е способен, ама тоа не е само кај нас, секаде се случува. Да, разбирам дека на никого не му е сјајно и дека многу работи можат да ве изреволтираат, ама дозволете на крај коцките да си се наместат на место.
И на приватни и на државни факултети, и тогаш како и сега, постоеле и постојат студенти кои се трудат премногу и такви кои уво не ги боли оти за некоја година ќе си се сместат удобно во канцеларијата на нивните татковци. Ама не смееш да генерализираш. Ние луѓето сме експерти за оценување на туѓ живот и туѓ труд.
Не мрчете, оставете времето да покаже. Само затоа што твојот учебник тежи 5 кила повеќе од нечиј друг, не те прави тоа тебе поспособен. Секој со својата приказна, секој со својата мака. Ама ти гледај да си ја решиш својата, а не сечија друга. Ти ако си вистински способен и вистински се трудиш, никој нема да ти земе работно место кое го заслужуваш. Јас не мрчам оти сум воспитана да верувам дека секој кој силно се труди си го наоѓа својот рај на земјата. Јас сум опколена со луѓе кои немале ништо а стекнале многу, со труд се разбира. Така што никој никогаш нема да ме убеди во нешто спротивно. Ти можеш да одбереш да мрчиш и да го обвинуваш ветрот за твојот неуспех кога во суштина вистината е дека треба да си го испотиш малку задникот.
И да, на старост се надевам дека нема да мрчам. Ќе речам супер беше во мое време, а во ваше да биде уште подобро.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Потполно се сложувам!
Се согласувам :))
Точно, токму така 🙂