Во 5 чекори: Како да му кажете „не“ на вашето дете и да се придржувате до тоа?
Кога станува збор за поставувањето граници на сопственото дете, на многу родители им е многу тешко да се справат со забраните, едноставно затоа што сакаат да му обезбедат на своето дете сè, честопати и она што самите никогаш го немале. Поради тоа, изговарањето на зборот „не“ е нешто што не би сакале да го претворите во дел од вашиот секојдневен живот, но давањето еден вид упатства на детето за однесувањето е неопходно и е составен дел од воспитувањето. Во продолжение прочитајте како да го направите тоа на неколку начини.
1. Користете јас-пораки
Таканаречените јас-пораки се еден од најефикасните методи и овие пораки се фокусираат на однесувањето на детето како личност и му овозможуваат да знае како се чувствувате вие кога тоа прави нешто што се смета за несоодветно.
Јас-пораките не го загрозуваат детето, туку му даваат до знаење дека неговото однесување е погрешно.
На пример, ако се најдете во ситуација кога детето одбива да ги пишува домашните задачи, не треба да му викате и да му кажете дека ќе биде казнето доколку не ја напише домашната работа. Напротив, треба да кажете нешто како: „Јас сум тажна кога не пишуваш домашни задачи. Се плашам дека непишувањето домашни задачи ќе ти создаде проблеми со наставникот“.
2. Покажете му како се прават работите
Ако вашето дете ги уништува сите играчки што се пред него, нема да постигнете позитивна промена ако му кажете дека не треба да го прави тоа или дека не треба да го прави тоа на тој начин.
Наместо тоа, одвојте пет минути и покажете му како се прават некои работи. На пример, покажете му како да направи куќа од коцки, како да ги нареди мечињата, како да ги четка забите и слично. Децата учат според модел, така што ќе покажат онакво однесување какво што несвесно ќе апсорбираат од луѓето околу нив, особено од своите родители. Бидете пример за вашето дете.
3. Предложете му други решенија
Ако вашето дете, на пример, почне да го кине цвеќето, покажете му дека постои поинаков начин да се грижи за растенијата. Исто така, тоа може да биде одлична можност за детето да открие што може да направи и како неговите постапки влијаат на светот околу него, како и да развие емпатија кон другите живи организми.
За да може детето да ја разбере важноста на растенијата, можете да засадите одредено растение заедно со него и да набљудувате како се развива.
Истото важи и ако детето ја тегне опашката на домашното милениче. Укажете му на тоа дека животните се живи суштества на кои им е потребна помош.
4. Избегнувајте споредби со други деца
Кога се обидувате да поставите јасни граници за вашето дете, најлошото нешто што можете да го направите е да го споредувате со другите деца, без разлика дали се браќа и сестри или деца од градинка.
Секое дете е единствено и тоа мора да биде свесно за тоа. Ако почнете да му кажувате дека нешто не прави на правилен начин и му кажувате да погледне како тоа го прави неговиот брат, сестра или пријател, вие ќе ја нарушите самодовербата на детето и ќе создадете чувство дека не е доволно добро, што ќе доведе до уште поголема непослушност и желба за внимание.
Секогаш гледајте го детето како посебна индивидуа која има свој сопствен пат на развој и откривање на светот околу него.
5. Наградете го доброто однесување, но не со условување
Речениците како: „Ако не ги собереш сите играчки, нема да добиеш сладолед“ треба да ги избегнувате. Ваквото наградување на позитивното однесување не само што може да резултира со проблеми во исхраната во зрелоста, туку и му испраќа порака на детето дека е доволно добро во нешто само ако се однесува на одреден начин.
Доброто однесување треба да се награди, но не со храна или со условување. Наместо тоа, ако видите дека вашето дете се однесува лошо, едноставно избегнувајте да одите во парк или да правите некоја друга активност што му е омилена.
По неколку дена, детето ќе го забележи тоа и ако ве праша зошто е така, можете да му објасните дека тоа е резултат на неговото однесување.
Од друга страна, ако детето се однесува многу добро, наградете го со игри, одење во игралиште или посета на пријатели и на самото место објаснете му дека тоа е награда за неговото добро однесување.
Прочитајте кои 10 грешки родителите треба да престанат да ги прават.