Внимавајте, наглото слабеење може да ви го уништи метаболизмот засекогаш!
Реалните телевизиски емисии во кои, поединци, под стручен надзор на лекари или тренери, сакаат да ослабат, со оправдување дека таа цел не можат сами да ја постигнат, во последно време се многу популарни ширум светот. Тоа се должи на фактот што во овие емисии учествуваат луѓе со прекумерна тежина, кои на овој начин, преку напорни вежби и посебен начин на исхрана, тие брзо успеваат да изгубат голем број килограми. Но, што се случува со овие луѓе кога ќе се изгасат камерите и кога ќе си заминат во своите домови, враќајќи се на секојдневната рутина?
Неодамнешна студија објавена во магазинот „Дебелина“, се обидува да пронајде одговор токму на ова прашање – што се случува со луѓето кои за многу кус временски период слабеат, кога ќе се вратат во реалноста? За таа цел, научниците ги набљудувале животните навики и резултатите кај 14 луѓе со прекумерна тежина, кои минале низ таков „брз“ режим на губење телесната маса. Човечкото тело одлично може да ја одржува рамнотежата на метаболизмот, па дури и во несекојдневни услови, како што е прекумерната дебелина. Но, со наглото намалување на бројот на калории, како и брзото губење на тежината, човечкиот организам се „збунува“ и тешко ги поднесува настанатите промени. Всушност, човечкото тело почнува да копнее по неопходната енергија којашто му е скратена со гладувањето. Тука се наметнува прашањето, какви последици остава наглото губење на килограмите врз метаболизмот?
Ова истражување дошло до заклучок дека по 6 години од учеството во реалните телевизиски програми, 13 од вкупно 14-те набљудувани случаи, повторно се здебелиле. Некои од нив дури и се вратиле на истата тежина што ја имале пред да учествуваат во програмата за брзо слабеење. Тоа се случило затоа што телото се обидело да ја надополни енергијата што му недостасувала, а метаболизмот на овие луѓе не успеал да воспостави рамнотежа. Кај нив, всушност, била намалена потрошувачката на калориите и метаболизмот бил значително забавен. Поради тоа за одржување на саканата тежина им била потребна поголема физичка активност и диета, во споредба со периодот пред да се пријават на брзата програма за слабеење. Ова покажува дека таквиот начин на нагло слабеење никако не е трајно решение, и дека е многу тешко да се одржи таков начин на живот, за да се држат килограмите под контрола.
„Ова истражување покажува дека учесниците во таквите брзи програми за слабеење, по излегувањето од процесот, мораат во целост да го сменат начинот на кој живеат, во борбата против килограмите“, посочуваат експертите кои го спровеле истражувањето.