Виртуелни ликови, замислени светови – фејсбукманија!
Сте се запрашале некогаш дали еден неверојатен изум каков што е интернетот, кој воедно ни е многу лесно достапен на сите, знаеме правилно да го користиме? Какви чуда ни се достапни, знаењето ни е буквално дадено на чинија, а ние што правиме? Си се рекламираме на Фејсбук… па тоа е жалосно!Да, навистина, многумина од нас ќе прочитаат корисни работи, ќе ги надополнат своите општи познавања, ќе стапат во контакт со стари познаници, колеги, далечни роднини… но други едноставно, се рекламираат! Социјалниве мрежи станаа агенции за рекламирање, место и простор каде луѓето си лечат комплекси, си ја зголемуваат својата вредност. Најстрашно од сè е тоа што се заразни, се „лепиш“ за нив и не можеш да се тргнеш, како мафија се, нема излегување штом еднаш си влегол. Колку луѓе познавам што си го блокирале профилот, па се вратиле назад за кратко време.
Социјалните мрежи се корисни, и тоа како, но сè додека не „забегаш“ во некои глупави размери, сè додека знаеш која им е целта и зошто служат. Да се разбереме, постојат луѓе кои буквално се хранат со лајкови, внимание, „популарност“ и сл. Не дека се свесни за фактот што никој подалеку од нивниот нос всушност не ги знае, ама нема врска. Всушност, зошто би им се радувала на лајковите за моето фотошопирано лице и тело, кога знам дека не е такво кога ќе се погледнам во огледало? Која е целта? Кое е задоволството во целата оваа крајно глупава работа? Дали е тоа психолошка појава? Дали на оние со ниско ниво на самодоверба им треба внимание? Како всушност може лајкот да ти е доказ дека си убав/а? Според тој фамозен лајк, гледаме колку нешто е популарно, успешно, прифатено од околината, без разлика дали станува збор за одредена песна, слика, филм, личност и сл. Ми се чини дека лајкот стана мерило ама баш за сè. Колку само лицемерие се крие зад тие лајкови на ФБ!
Според мене, редно е сите тие убавици, принцезички, популарни женски, мафијаши, лоши типци… (сето тоа во големи наводници), да ја напуштат пештерата на виртуелниот свет и да го видат вистинското околу нив. Она за што вреди да се живее, луѓето кои им значат и ги сакаат, местата кои треба да ги посетат, убавините кои треба да ги видат, со еден збор, вистинскиот живот кој треба да го живеат.
Да, јас сè уште си вадам слики на „старовремскиот“ начин, и кога ги гледам, им се восхитувам на прекрасните спомени, ретко кој знае да ги цени сликите откако почна сè и сешто да се постира на интернет. Да, јас сум корисник на социјална мрежа (би била хипокрит ако не го спомнам ова), претпоставувам дека заразата брзо се шири, само што има разлика од корисник до корисник. И уште една потврда, да, мислам дека тинејџерките, наместо да се натпреваруваат која повеќе лајкови ќе собере, треба малку да излезат на дневна светлина и да си го разбистрат мозокот.
Целава филозофија на социјалните мрежи, е всушност многу интересна работа. Затоа што нашите животи се здодевни, баш супер што ни обелодени каде си, со кого си, што правиш, и се разбира, како си облечена. Од кожа ме вади мафијашкиот став на „јаките типови“ високи метро и желба за растење, прашина се крева околу нив… секој со својот филм, секој со својата мака. Има 12 години, нејзиниот коментар на слика е: „тс срц, поз кис муа!!!“… Баш супер, од сите тие кратенки наскоро ќе заборават да го зборуваат сопствениот јазик.
Друго што ќе сретнете? Премногу работи, како на пример позајмени статуси и паметни мисли (ти си мислиш не знам колку се опаметила од последниот пат кога сте се виделе, ама отвора уста и сепак сфаќаш дека препишувала сè што ù звучело паметно), постирани песни (не дека знае што значат нивните текстови, ама некој ги објавил)… лајкови, лајкови, лајкови и по некој коментар…
Слаби девојки кои од нигде–никаде добиваат облини, луѓе кои не знаат два збора да сврзат во живо, а на ФБ би напишале есеј, типови со приближна тежина на комарец кои одеднаш набиваат мускулна маса… Има да се информирате кој кого сака, кој кого „почитува“, кој ја прекинал љубовната врска, а кој започнал нова… Сè така во круг, глупави умови, плитки мисли, со еден збор ситуација рамна на катастрофа. Како се создаваат „пријателства“ на ФБ? Многу „логично“, тој ти е „пријател“ зошто го знае другиот пријател на 3-от братучед на твојот пријател.
Па си велам, дали јас полека, но сигурно се претворам во оние тивки набљудувачи и иронични коментатори? Во секој случај, барем успешно го прикривам тоа… или го прикривав, сеедно.
Драги мои, светот пребродел сè, секакви болести и зарази, на почеток опасни, ама сепак им го нашле лекот. Помисливте дека можеби сидата или ракот се болести на 21-от век? Не лажете се, поголема болест од сè ова горе наведено, мислам дека човештвото нема да доживее повторно. Затоа што психичките болести се многу полоши од физичките. Убаво си рекле луѓето, од умот си патиме.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Конечно некој да ја изнесе вистината на виделина ! Секоја чест Ели. Браво!
Ти благодарам Нина, многу ми значи оваа пофалба! 🙂
Секако дека станува збор за „психолошка појава“ – човековото однесување е психолошка појава. Освен тоа, морам да кажам дека текстот е одличен.
или поавтентичен завршеток: ОД ГЛААТА СИ ПАТИМЕ
Морам да признаам, дека целава статија остава впечаток на добра статија и секој кој е барем со средна доза на интелект во себе, би го натерала да размисли. Искрено, ја прочитав неколку пати со цел подобро да ја разберам, да фатам детали. И после неколку пати читање во мене има доза на револт а не разбирам од каде, на некој начин. Немам прмедби во однос на конструкцијата и структурата на статијава, ниту за стилот, но за содржината имам поинаков став. Иако млад со 20 години, јас сум следбеник на старата, ама онаа класичната школа на лиѓе, зборувам од типот на луѓе кои да не речам умреле со диносаурусите- џентлмените. Оние Господа од викторијанскиот период и кога ја читам статијава имам чувство, ефект, филинг или филм, како ви одговара, да јас почнам да пишувам интелектуални елегии како од типот на оваа статија и многу други кои се вртат насекаде, дека тој период е вистинскиот, дека тогаш модата го доживува врвот, денес е само кичерај итн. итн. Сватете дека времето се менува, дека тие луѓе кои ги опишувате во вашава статија се СРЕЌНИ, нагласувам СРЕЌНИ на свој начин, иако вие почитувана авторке не сте задоволна, како и грото луѓе, но разбирливо од аспект на примање на промените, општо земено. НО не смеете вие или било кој друг, на ваков или било каков друг начин да посегате по среќата, барем моментална или виртуелна, на луѓе кои немаат или не знаат за друг начин на среќа. Да, јас верувам дека недостига тој физичко-социјален свет и мене ми недостига, но мора да сватиме дека времето се менува, а и луѓето со него. Колку побрзо ја прифатиме промената толку побрзо ќе привикнеме,а тоа продразбира, физички гледано борба за перживување. Сепак статијата е добра и заслужува пофалба. Продолжете 🙂
Ви благодарам многу за времето кое сте го одвоиле да ја прочитате статијата и да искоментирате. Се согласувам, времињата се менуваат и наместо да „мрчиме“ треба да ги прифатиме промените, а секако и разликите меѓу нас. Никогаш не би сакала да навредам или исмејам некого, но добро е кога можеш да го кажеш својот став и мислење, со надеж дека некој ќе обрне внимание, ќе го прочита и разбере, а може и да го дели истото мислење со тебе. Сепак, нели целта е со што и да напишеш да успееш да допреш до нечија свест, дури и да промениш нешто, макар нешто мало и небитно. Уште еднаш, искрено Ви благодарам. 🙂
Во стилот на Фејсбук LIKE за статијава….се што мислам сте го кажале и ме радува што не сум единствена во едно вакво размислување оти понекогаш си мислам дека до мене е проблемот и дека ако цел свет ужива да се лајка тогаш со мене не е нешто во ред што за мене тој фамозен ,,like,, е нешто најлигавото што можеше да се смисли. ПОздрав и секое добро
Пофалби за статијата! Работава е “Be the change you wish to see in the world”:сите сакаат промени а никој не дејствува!
Vremeto se menuva i lugjeto – zaklucok na eden od citatelite pogore. No dali ovie internet izumi ne’ menuvaat ili vsusnost niz niv se otslikuva licnosta na mnogumina? No duri i ako neizbezno se menuvame togas bidejki stanuvaat del od nasiot zivot bi bilo dobro da sme samokriticni i svesni za ona sto ovie internet mrezi predizvikuvaat – zivot vo virtuelni ramki – i nerealnost. Tokmu kako sto Eli zabelezala.
Nema potreba ni da se kaze deka niz ovaa virtuelna pojava ke ja vidite psihologijata na mnogu poedinci – poveketo gi imate na tacna. Dobrata strana na fb e sto ovozmozuva kontakt so prijatelite (vistinskite) so koi si daleku pa i blisku no ne mozes da se vidis odredeno vreme, ako zivees vo 2 zemji da si razmenis fotografii, da spodelis so niv nesto… No rabotata stanuva neprijatna koga fb se koristi za sopstvenoto ego . Onie koi se merat niz lajkovi, onie koi samite si stavaat lajkovi na svoite komentari, koi stavaat bezbrojni postovi i po cel den visat na mrezata, a sepak ‘najsimpaticni’ se onie koi im kazuvaat na svoite zeni, devojki, deckovci deka gi sakaat a vrv na se’ e predlaganjeto brak na facebook. Jadni nasi babi dedovci, majki, tatkovci- kako li siromaskite predlagale brak vo svoe vreme?
Ja pozdravuvam statijata – realen otslik na ona sto se slucuva.
Eli sekoja cest!!! samo ova mozam da ko kazam… pozdrav najgolem