Ви недостасува самодоверба? 10 начини кои ќе ви помогнат да се чувствувате подобро во својата кожа
Секојдневно налетуваме на најразлични статии кои придаваат огромно значење на самодовербата. Нè советуваат да зрачиме со самодоверба на првиот состанок со нашата симпатија, на интервјуто за работа, на местата каде што излегуваме со нашите пријатели и во секоја друга сфера од нашиот живот. Нема сомнеж дека самодовербата влијае на впечатокот што го оставаме врз другите. Но, што ако ја немаме? Никој не може точно да ве посоветува како да создадете слика за себе која доволно ќе ви се допаѓа за секогаш кога ќе се погледнете во огледало да бидете среќни и задоволни. Постојат неколку трикови кои можат да го измамат вашиот мозок и да ве натераат да поверувате дека сте полни со самодоверба додека не дојде денот кога тоа навистина ќе биде така.
1. Научете некоја нова вештина
Тоа може да биде и некоја сосема едноставна и навидум лесна вештина како на пример, правење внатрешни плетенки. Но, верувајте дека ќе биде доволно за да се почувствувате интересни и поразлични од другите. Сознанието дека сте научиле нешто ново и дека имате што да му понудите на светот ќе ве доведе до чувството на самодоверба. Учењето ве прави паметни, а паметните луѓе секогаш зрачат со висока самодоверба. Денес е лесно да се стекне некоја вештина благодарение на развојот на технологијата. Јутјуб ни нуди безброј туторијали за најразлични работи кои не ви ни паднале на памет, а можат многу да ви послужат.
2. Смислете си шега
Секогаш имајте некоја шега во ракав која ќе ви се најде во напнати и непријатни ситуации. Непишано правило е дека кога луѓето ќе се насмеат на нешто што сте кажале, веднаш почнувате да се чувствувате кул. Не ви треба некоја совршено смислена шега со ударна реченица која луѓето ќе ја запаметат и ќе ја прераскажуваат. Понекогаш доволно е само да ја споредите големината на вашата глава со фудбалска топка. Можеби тие нема да „умрат“ од смеење, но барем малку ќе се насмевнат. И додека тие се смеат, победоносна насмевка ќе го украси вашето лице и веднаш ќе се чувствувате самоуверено.
3. Застанете пред огледало и дајте си комплимент
Не е возможно ништо да не ви се допаѓа од вашиот изглед! Сигурно ви се допаѓа барем облеката што ја носите. Почнете од таму. Самите сте ја избрале вашата денешна модна комбинација. Сте потрошиле пари на неа и убаво ви стои. Кажете си: „Баш убаво ти стојат фармерките.“ Дајте си креативни комплименти. Погледнете во вашите прекрасни очи со восхит. Ако вие не ја цените вашата убавина, ниту луѓето околу вас нема да ја ценат. Мислите дека ќе се чувствувате глупаво додека самите себеси си давате комплименти пред огледалото? Можеби. Но, дали ќе се чувствувате посамоуверено? Дефинитивно, доколку престанете да бидете скептични и почнете навистина да го мислите тоа што го кажувате.
4. Бидете благодарни
Сетете се дека вашиот живот е многу подобар од животот на повеќето луѓе. Оваа помисла е тажна, но ќе ви помогне да ги цените работите што ги имате и да се уверите дека тие не се така лоши како што изгледаат. Не можете да ги смените лошите работи кои им се случуваат на другите луѓе, но помислата на нив може да го намали вашиот песимизам во однос на она што вие го правите во животот.
5. Облечете се како вашиот омилен самоуверен измислен лик
Кажувајте ги работите кои тој/таа би ги кажале, но на секојдневен начин. Сигурно ви се познати оние ликови од сериите и филмовите кои целосно ги имаат прифатено сите нивни недостатоци. Тоа се оние кои ќе бутнат чинија за време на ручекот или ќе истурат чаша вино на белиот чаршав, па ќе се насмевнат и со воздишка ќе кажат: „Упс. Ама сум несмасна/несмасен.“ Земете ја за пример неодоливата Бриџит Џоунс. Таа постојано носи кратки здолништа и е целосно искрена околу своите лоши навики, дури и пред луѓе кои не ги познава. И покрај сите нејзини маани, таа успева да ја пронајде љубовта на нејзиниот живот.
6. Средете си го домот
Средениот дом ќе направи да чувствувате дека вашиот живот е на место. Фрлете ги сите непотребни работи кои ги чувате од сентиментални причини и сите предмети ставете ги на соодветното место. Среден дом е еднакво на средени мисли, а тоа значи дека ќе добиете поттик да дејствувате организирано во секој ваш животен сегмент.
7. Носете перика
Први април само што помина. Сигурно сте купиле перика за која се прашувавте како ќе ви послужи поинаку освен за наредниот маскенбал. Добри вести! Не мора да чекате до тогаш. Ставете ја веднаш, додадете некој штосен шешир и големи очила за сонце и едноставно отидете до продавница. Преправајте се дека сте некоја позната личност која не сака да биде препознаена. Луѓето веројатно ќе зјапаат во вас и ќе се прашуваат која сте. Можеби ќе се чувствувате непријатно, но ова е добар начин да бидете некој друг барем на еден ден и ќе ви помогне да се запознаете себеси од сосема друга перспектива.
8. Направете професионална фотосесија
Сигурно познавате некој кој има пристоен апарат и би можел да ве фотографира. Бидете креативни и сликајте се во најразлични пози на интересни места. Не плашете се да бидете смешни, спонтани, заводливи или сериозни. Можете да бидете сè што ќе посакате! На почеток, кога ќе застанете пред објективот можеби ќе се чувствувате непријатно, но постепено ќе се опуштите и ќе ви стане забавно. Којзнае, можеби конечно ќе ја направите совршената слика за вашиот Фејсбук профил.
9. Не плашете се од неуспех
Голема е веројатноста дека понекогаш работите нема да излезат онака како што сте очекувале. Ќе мислите дека непотребно сте вложиле толкав труд, ќе се демотивирате и со тоа вашата самодоверба ќе падне. Во ред е да се чувствувате така некое време, но не дозволувајте овој период да трае премногу долго. Застанете цврсто на двете нозе и прифатете го неуспехот како драгоцено искуство кое ќе ве заштити од истите грешки во иднина.
10. Одглумете самоувереност
Разбудете го актерот во вас и едноставно преправајте се дека сте самоуверени додека навистина не биде тоа така. Тоа што го мислите, тоа и го повикувате. Ќе почнете да зборувате погласно, ќе станете позабележливи и нема да има потреба постојано да се повторувате. Кога ќе зборувате, луѓето ќе ве слушаат. Ако одглумите самоувереност, еден ден ќе забележите дека нема потреба да глумите повеќе. Ќе се разбудите охрабрени да му ги признаете чувствата на згодниот сосед кој одамна го „меркате“, ќе кажете „да“ за караоке и ќе ги прифатите вашите недостатоци исто како и Бриџит Џоунс.
Самодовербата ќе ве направи бестрашни и ќе ви отвори нови погледи кон светот. Ќе ве збогати со бесценети искуства и ќе ве претвори во личноста која отсекогаш сте посакувале да бидете. Работете на неа на секаков можен начин и ќе забележите како вашиот живот тргнува во вистинската насока.