Вежба за исфрлање на бесот и фрустрациите
Оваа вежба се вика симха крија, но некои ја нарекуваат лавјо зевање, а други лавји рик. Можете да ја изведете и како зевање и како рик, онака како што вам повеќе ви одговара. Таа ослободува од бесот и фрустрациите и помага во справувањето со емоционалната напнатост. Покрај тоа ги масира гласните жици, гркланот, крајниците и другите органи во грлото така што носи свежа крв во нив и ја подобрува нивната целокупна состојба.
Како се изведува вежбата?
Клекнете на колена и раширете ги околу 45 сантиметри, а палците на нозете нека ви бидат споени. Одете малку напред со трупот, спуштете ги дланките на подот помеѓу бедрата со прстите свртени кон телото. Додека ги држите рацете исправено, свиткајте го малку грбот, нанапред, а главата придвижете ја наназад за малку да го истегнете вратот и да добиете удобно чувство во грлото.
Доколку ви е тешко да ја направите оваа вежба на колена, можете да ја изведете и со турско седење или седејќи на стол потпирајќи ги рацете на бедрата. Очите нека ви бидат затворени или фокусирајте се на некоја точка пред вас. Устата треба да биде затворена, а јазикот свиткан наназад и треба да го допира мекиот дел на непцето. Издишете со носот.
Откако добро ќе издишите, опуштете го јазикот, широко отворете ја устата и исплазете го јазикот напред кон брадата. Полека издишете правејќи рамномерно гласен звук од грлото „ааа…“. Кога ќе завршите со издишувањето, повторно затворете ја устата, јазикот свиткајте го до мекиот дел на непцето и повторно вдишете. За време на вежбата бидете добро сконцентрирани во точката која сте ја избрале претходно. За оптимални резултати повторете ја вежбата 5-10 пати дневно. Можете да ја направите во кој било период од денот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.