Верни пријатели или отворени непријатели – сè според заслугата!
Денес, драги мои, решив мојата колумна да ја започнам со една од моите омилени изреки. Винстон Черчил рекол: „Имаш непријатели? Во ред, тоа значи дека некогаш во животот си застанал цврсто зад своето мислење!“ Колку и да ги почитувам паметните изреки на големите умови, оваа секогаш ќе ми биде меѓу најомилените.
Да се нема многу непријатели е во ред, но да немаш воопшто непријатели, тогаш или си голем лицемер, (што би значело дека всушност имаш непријатели само што тие не се информирани за твоето мислење за нив), или си личност која гледа секому да му угоди, (е тогаш веќе си имаш огромен проблем во животот). Да го кажеш сопственото мислење, да му нагласиш некому дека ги преминал границите, значи да имаш свое сопствено ЈАС.Велат дека треба да си премногу храбра личност за да можеш лесно да оттргнеш некого од својот живот. Јас велам дека треба да си премногу глупав за да трпиш нечие однесување кое те повредува. Затоа кога ќе ме вбројат во тие храбрите, само велам дека така правам бидејќи се грижам самата за себе.
Личностите за кои еднаш сте одлучиле дека треба да останат во вашето минато, треба засекогаш да останат таму, без да им давате шанса да бидат дел од вашата иднина. Бидејќи штом еднаш сте одлучиле така, сигурно сте имале добра причина. Зошто да си ги погазувате сопствените одлуки? Како што созреваме, сфаќаме дека одредени личности од нашето минато, не заслужуваат „камбек“.
И за врските и за пријателствата важи истото. Кога еднаш ќе тргне нешто надолу, само си трошите време и нерви да го вратите на вистинскиот пат. Никогаш не сум имала проблем момците да ги оставам во минатото, но секогаш повеќе сум се трудела околу пријателствата… Но во ред е, постојат личности кои можат да функционираат заедно, но постојат и такви за кои е најдобро да си одат секој по својот пат, за да не си наштетат ни на самите себе, а ни на другите околу нив.
Во животот запознаваме многу различни луѓе, а штом ги запознаеме сме должни да им ја дадеме основната почит која секој човек ја заслужува. Но откако ќе ги преминат границите, имате должност кон самите себе да престанете да ги почитувате нив!
Не сум ни скептик за љубовта, ниту сум ладна личност која лесно може да избрише некого од својот живот. Напротив, ја ценам вистинската љубов и прекрасните, искрени пријателства, и тоа ги ценам повеќе од било што друго. И не ви велам да сте ладни и бесчувствителни. Туку да сакате и да уживате, споделувајте среќа и убави мигови, имајте топли личности околу вас, но никогаш не заборавајте го сопственото ЈАС. Никогаш не трудете се да го вратите минатото во сегашноста, никогаш не трудете се да го поправите она што се скршило и никогаш да не забораваме дека треба да ги цениме само оние кои знаат да нè ценат нас. На оние кои ве сакаат дупло возвратете им ја љубовта, на оние кои се искрени кон вас, не кажувајте им лаги, но оние кои ви згрешиле, доволно е да ги избришете од својот живот, ако сте добри пријатели поголема казна од тоа за нив ќе нема.
Денес решив да испробам еден рецепт за тоа како да имате убав ден. Треба да направите нешто лудо, нешто откачено, нешто што отсекогаш сте го посакувале, а никако не сте собрале храброст да го направите… Ќе размислам добро и ќе видам што всушност јас сакам да направам, но истото важи и за вас, ви го оставам ова како домашна задача на сите.
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.