Вашите негативни емоции не се проблем што треба да го решите

Вашите негативни емоции не се проблем што треба да го решите

Дали ви се случило кога ќе почувствувате некоја непријатна емоција, да се обидувате да ја закопате што подлабоко? Сурфате на Интернет, пуштате некој филм, пребарувате по социјалните мрежи… Но без разлика што правите, емоциите не си заминуваат.

Вашите негативни емоции не се проблем што треба да го решите

Тогаш најверојатно се обидувате да ја најдете причината за начинот на којшто се чувствувате. Се прашувате дали сте му кажале нешто лошо на шефот, дали можеби не сте наспани, па дури и си помислувате дека не можете да бидете среќни.

Овој пристап е многу чест. Западната култура ги карактеризира позитивните емоции како посакувани, а непријатните емоции како проблеми, предизвици или симптоми од кои треба да се ослободите. Но за целосно да ги внесете емоциите во вашиот живот, потребно е да се отворите кон нив. Потребно е да им пристапите на негативните емоции со прифаќање и љубопитност.

На емоциите им е потребен простор

Емоциите имаат силен физиолошки ефект и се како посредници помеѓу умот и телото. За здраво да ги процесирате, потребен им е простор, а отпорот создава клаустрофобија. Помислете на некој момент кога сте се обидувале да ги голтнете вашите солзи. Најверојатно сте почувствувале навистина непријатна напнатост.

Кога ги потиснувате емоциите, тие подоцна се враќаат посилни. Постои некаков емоционален перфекционизам, кој е навистина нереалистично верување за тоа како би требало да се чувствуваме. Ова верување нè тера да ги обележуваме негативните емоции како недостатоци, што воопшто не е вистина.

Размислување за причината

Автентичните чувства не се секогаш логични. Но кога се чувствувате лошо, потсвесно почнувате да барате решение со верување дека доколку го најдете, емоцијата ќе исчезне. Ова размислување е негативно и повторливо и е насочено кон сегашните и минатите симптоми, загуби и неуспеси. Многу често може да предизвика и депресија и анксиозност. Решавањето проблеми е можеби најдобрата особина на човечкиот мозок, но кога станува збор за психата, не е најдобрата алатка.

Создавање простор со прифаќање

Емоциите се пораки, а пораките треба да ги разберете, не да ги решите. За навистина да ги разберете емоциите, потребно е да ги прифатите и да бидете љубопитни. Оваа промена ќе ви помогне да се подобрите. Прифаќањето во овој контекст не значи да се откажете, туку токму спротивното – кога го намалувате отпорот, емоциите се движат слободно. Дури тогаш ќе можете да ја истражите нивната порака.

Има лекции што треба да ги научите од болката и екстазата. Дури кога ќе го прифатите постоењето на негативните емоции, ќе можете да научите од нив.

Заменување на прашувањето со размислување

Медитацијата може да ви помогне при овој процес на учење. Кога ќе станете набљудувач на вашите мисли и емоции, ќе можете да размислувате за нив без судење. Љубопитноста гради нова врска со емоциите. Наместо да бидете консумирани или преплавени од нив, вие ќе можете јасно да ги истражите и да разберете што сакаат да ви кажат.

Барањето на причината за вашите емоции води до повторливи мисли. Но кога ќе сакате да ја откриете пораката, ќе ги откриете и вашите најдлабоки верувања или однесувања што ги предизвикуваат емоциите. Бидејќи свесноста без делување е безвредна, следниот чекор е да преземете нешто.

Прифаќањето на емоциите е добро и за другите

Спознавањето на негативните емоции може да ви ги подобри врските со другите луѓе. Светот е огледало. Како реагирате на туѓите емоции рефлектира како реагирате на вашите. На пример, доколку веднаш се повлекувате кога некој ќе се почувствува тажно, истиот отпор ќе се појави и кога вие ќе чувствувате тага.

Отпорот е како бариера која не ви дозволува интимно да се поврзете со другите. Кога се обидувате да го кажете вистинското нешто, тогаш ги гледаат емоциите како проблем. Се чувствувате чудно бидејќи тагата или болката за вас се проблеми што треба да ги решите, но не знаете како. Причината е што не можете да ја „поправите“ тагата ниту кај другите, ниту кај вас.

Емоциите не се проблеми што треба да ги решите. Се разбира, од помош е да добиете поддршка, но понекогаш само треба да имате негативни емоции. Колку полесно ќе се справувате со вашите емоции, толку повеќе ќе можете да се справувате и со емоциите на другите.

Дознајте коjа е тајната порака што се крие зад најчестите негативни емоции.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар