Трикoви и совети за убавина: Забавете го стареењето на кожата
Процесот на стареење е неизбежен и независно дали станува збор за оние личности кои сакаат да ги сокријат годините или оние кои сакаат да ја сопрат појавата на првите брчки, секој се обидува да води правилна нега и грижа за кожата и да го забави предвременото стареење и брчкање. Но, дали тоа навистина е возможно? Советите и триковите за нега и убавина на кожата можат да ѝ послужат на секоја жена, млада или стара, па во продолжение прочитајте неколку од нив и направете ѝ услуга на својата кожа и својот организам, воопшто.
На сите ни е добро познат фактот дека кожата старее. Таа е сепак најголемиот орган во телото кој човекот го поседува. Но, честопати се случува да обрнеме повеќе внимание на внатрешните органи, отколку на тоа што е видливо. Не е тешко да се обидете да направите нешто за себе, посебно кога влегувате во доцните 20-ти и се соочувате со секакви телесни промени како работниот стрес или бременоста или, пак, во доцните 40-ти кога се соочувате со првите симптоми и знаци на менопаузата.
Познатите дерматолози од Лос Анџелес, кои соработуваат со многу познати личности од забавната индустрија, имаат неколку практични совети за негување на кожата и одржување на нејзината еластичност. Тие предложуваат да одвоиме неколку минути за себе, секое утро и да се грижиме за кожата. Стареењето е неминовен процес, но дерматолозите велат дека ако секојдневно си повторуваме во себе дека старееме тогаш тоа и ќе го добиеме. Во тој контекст, следете ги нивните едноставни чекори за да го забавите стареењето на кожата.
1. Секогаш чистете ја кожата наутро. Таа се чисти преку порите и преку ден собира многу нечистотии кои потоа ги исфрла надвор. Вака се исфрлаат дури и неколку токсини и тоа најчесто се случува додека спиеме. Затоа, утринското чистење на кожата е задолжително. Притоа, користете производи кои не ја сушат ниту пак ја иритираат кожата.
2. Обидете се наутро најчесто да користите креми со СПФ фактор, независно дали се работи за лесна или тешка формула. УВ зраците ја уништуваат нашата кожа, без оглед на тоа дали е лето или зима. Секогаш нанесувајте заштитен фактор пред да започнете да се шминкате. Шминката не е заштита.
3. Кога го чистите лицето, следете го овој редослед: Лосион за чистење, серум, крема со заштитен фактор, хидратантна крема. Доколку имате мрсна кожа и сте склони на акни, тогаш избегнувајте производи со дополнително масло.
4. Хидратантните креми се најважни за кожата, без оглед на тоа дали таа е мрсна или сува. Користете ги оние креми кои имаат поголем процент вода во себе, бидејќи тие се исклучиво наменети за хидратацијата на кожата.
5. Секогаш бришете ја шминката пред спиење. Марамчињата за вадење шминка се вашиот најдобар пријател. Најголемата грешка е да спиете со шминка. Неа ја носиме преку целиот ден и собираме најразлични бактерии и нечистотии, па затоа не е препорачливо да спиеме нашминкани.
6. Користете кокосово масло. Природното кокосово масло не содржи токсини и кожата многу брзо го впива. Наменето е за нејзина хидратација и хранење и успешно ја запира појавата на брчките. Доколку имате депигментација на кожата, тогаш користете соодветни, препишани креми.
7. Започнете да практикувате креми против стареење на кожата. По 25-тата година од животот, колагенот, кој е задолжен за одржувањето на младоста на кожата, исчезнува од организмот. Единствениот начин да се надомести неговото отсуство е со помош на кремите против стареење на кожата. Но, овие производи треба да се користат умерено. Нивната претерана употреба нема да ја подмлади кожата. Тие помагаат во забавувањето на стареењето, но не и во спречувањето. Тоа е сепак невозможно.
8. Внимавајте на исхраната. Неопходно е во својата исхрана да вклучите различни витамини и минерали. Здравата исхрана не е ниту диета, ниту мит. Правилното и умереното консумирање на прехранбените производи и пиењето многу вода се неопходни за доброто здравје на кожата. Доколку не пиете доволно вода, тогаш колагенот кој го нанесуваме на лицето преку кремите нема за што да се врзе и да стапи во хемиска реакција.
9. Обидете се да се ослободите од стресот. Сѐ се случува со причина. Ова е можеби лесно да се каже, но тешко да се примени. Обидете се да се ослободите од сите непотребни грижи и нервози, и не само што ќе ѝ помогнете на вашата кожа, туку и значително ќе ја подобрите својата општа здравствена состојба.