Три трикови кои откриваат дека облеката ќе ви трае долго
Барем еднаш, сите сме биле во ситуација кога омиленото парче облека го изгубило својот првобитен изглед после само неколку перења. Замислете, одите на некој важен состанок и одеднаш гледате дека совршено испегланата кошула се стуткала од појасот во автомобилот или дека имате траги од пот на вашиот фустан. Но, сето ова може да се спречи уште при самото пазарење. Еве три трикови кои ќе ви откријат дали облеката е со добар квалитет и колку долго ќе трае…
1. Проверете колку одбраното парче облека се гужва
Земете го парчето облека во раце, притиснете го и држете 3-5 секунди. Потоа отпуштете и доколку производот остане набран, тоа значи дека така ќе изгледа на вас и по само 10 минути носење. Но сепак, не избрзувајте со одлуката и не враќајте го веднаш на полица. Прво размислете, за каква пригода ви е потребен? Каде ќе го носите? Дали мора да изгледа совршено испеглано и средено на вас? Ако одговорот е ДА, тогаш побарајте парче облека кое помалку се гужва, а доколку одговорот е НЕ (на пример го купувате само за кратка фотосесија), тогаш гужвањето нема да биде голем проблем.
Друго што треба да запомните е дека ленот е ткаенина која се гужва најмногу. Кога купувате ленено одело, бидете сигурни дека веднаш ќе се изгужва. Но, ленот има и голема предност. Облеката од ленена ткаенина изгледа „скапо“ дури и во стуткана состојба. Цела Европа е „згужвана“ во лето, но и покрај тоа изгледа кул.
2. Отпорност на влага
Вториот чекор е да ја проверите отпорноста на облеката на влага. Секако, не мора да го натопите парчето во вода. Доволно е само да го намокрите прстот со кој ќе ја допрете внатрешната страна на производот. Ако на надворешната страна не се појави водено место – ова парче облека е отпорно на вода и може да се носи во кое било годишно време. Ова е особено важно кога се работи за купување светла облека за горниот дел од телото, бидејќи трагите од пот под пазувите не изгледаат добро на никого.
3. Триење
Земете го парчето облека во раце и протријте го. Тријте минимум една минута. Доколку материјалот не е квалитетен веднаш ќе забележите мали топчиња. Колку е потенок и подолг конецот што бил употребен, толку материјалот е поквалитетен и има помала шанса за оштетување.
Она што треба да запазиме е дека топчињата не се прават само на џемпери и волна туку и на капути, некои памучни маички или тренерки.
Автор: Катерина Каланоска