Токсични фрази кои мора да престанеме да им ги кажуваме на децата

Токсични фрази кои мора да престанеме да им ги кажуваме на децата

Сите знаеме дека воспитувањето деца е тежок процес. Притоа, нормално е понекогаш родителите да им кажат „погрешни работи“ на децата и поради тоа не треба да чувствуваат вина или срам бидејќи на крајот на краиштата сите сме луѓе и можеме да згрешиме. Сепак, постојат одредени изрази кои родителите и воопшто, возрасните, знаат честопати да ги користат без да бидат свесни колку се тие штетни за децата и нивните чувства. Во продолжение прочитајте на кои изрази треба особено да внимавате.

Токсични фрази кои мора да престанеме да им ги кажуваме на децата

1. „Ќе бидеш ок“ или „Не е голема работа“

Кога детето ќе падне додека си игра, најчесто родителот знае да каже: „Ќе бидеш ок, ништо не ти е“.
Според психологот Сара Конвеј, основач на Mindful Little Minds, „честопати им ги кажуваме овие фрази на децата со надеж дека ќе им помогнеме да се смират секогаш кога се чувствуваат повредени. Сметаме дека доколку ние не му дадеме важност на она што се случило, ниту детето нема да се грижи за тоа. Но, секогаш кога реагираме на овој начин, децата се чувствуваат навредено и отфрлено“. Доколку честопати ја слуша оваа фраза, детето ќе почне да се однесува со недоверба кон родителите, особено во тешките моменти. Затоа, следен пат би било подобро да ги прашате децата како се чувствуваат. На тој начин ќе им оставите до знаење дека се грижите за нивните емоции и дека тие во кое било време можат да ги споделат нивните чувства со вас.

2. „Ти секогаш…“ или „Ти никогаш…“

Прво и основно, „секогаш“ и „никогаш“ ретко се вистинити докрај. Сепак, кога децата ќе ги слушнат овие зборови, тие по некое време почнуваат да веруваат во нив и на тој начин создаваат погрешна слика за самите себе. Следниот пат кога ќе направат нешто што нема да ви се допадне, добро би било заеднички да поразговарате за да го решите проблемот. Исто така, од голема корист е и кога зборувате позитивно за нив пред другите.

3. „Ме правиш тажен/а, лут/а кога се однесуваш така…“

Според Конвој, многу родителите сметаат дека ќе ја развијат емпатијата кај своите деца доколку ја користат оваа фраза. Но, оваа реченица им испраќа порака дека тие се одговорни за нашите чувства. Тоа може да доведе до ситуација во која децата би почнале да кријат работи од возрасните од страв да не ги вознемират. Советот би бил да ја зачувате лекцијата за емпатија за нареден пат и да признаете како се чувствувате, но и да се обидете да им оставите до знаење каде се нивните граници.

4. „Тоа не е точно!“

Доколку детето ви каже дека никој не сака да си игра со него, вашата реакција најверојатно би била од типот: „Тоа не е точно!“. Кога децата споделуваат со вас нешто што ги мачи, родителскиот инстинкт би бил веднаш да им одговорите дека тоа не е вистина. Но, во тој случај децата можат да помислат дека не им веруваме или дека не треба да им се верува на нивните сопствени инстинкти. Треба да бидеме свесни дека дури и ако тоа што го кажуваат едноставно е незамисливо, сепак на крајот од денот тоа е нивната реалност и не можеме да им кажеме дека грешат. Нашата работа е да ги слушаме и да ги прашаме што било тоа што ги натерало така да се почувствуваат.

Откако прочитавте кои фрази не треба да им ги кажуваме на децата, можеби сакате да прочитате и кои 5 совети можат да ви помогнат доколку сакате да им покажете на вашите деца дека ги сакате.

Извор: huffpost.com


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар