Токсична позитивност: Невидлива опасност за многумина од нас
Да се биде позитивен е еден од клучните елементи за исполнет и задоволен живот. Но, обидот да бидете позитивни без оглед на сè може повеќе да ви наштети отколку да ви донесе среќа. Создавањето нереална слика за сопствената емотивна состојба може лесно да доведе до чувство на разочарување и неуспех па дури и презир кон самите себе.
„Духовно избегнување“ значи да се преправате дека сте онаму каде што не сте со цел да избегнете да бидете таму каде што сте. Нема ништо поштетно од тоа да се преправате, да носите маска или да се проектирате себеси во нереален свет сè со цел да ги исполните стандардите на општеството.
Вистината е дека во животот нема светлина без темнина. Свесното еволуирање или исцелување се одвива само преку насочување на енергијата кон темнината – сето она што не го гледаме.
Нашите слаби точки се оние исполнети со чувства на болка, страв, недоразбирање, тага, страв од осаменост. Во ред е ако понекогаш ја чувствувате темнината во себе бидејќи тоа е одраз на вашата моментална реалност, а за жал, реалноста може да биде мрачна и болна. Доколку одлучите да верувате поинаку само би си наштетиле себеси.
Во овие моменти потребно е да соберете храброст и да погледнете во темнината. Доколку се обидувате да се преправате дека воопшто не постои темнината нема да можете да се спознаете подобро себеси, а ниту пак другите околу вас. На тој начин ќе бидете лишени од можноста да го слушнете вашиот вистински внатрешен глас.
На пример, длабоко во себе чувствувате депресија, но се обидувате по секоја цена да останете позитивни. Наместо да се обидете да се соочите со вистината, вие избирате да ставите маска. На овој начин, вашиот идентитет како личност се губи во процесот да им се „допаднете“ на другите без притоа да водите сметка за вашите вистински потреби.
Ова го вклучува и верувањето дека морате да направите нешто до одредена возраст или дека сте неуспешни ако досега не сте направиле нешто значајно во животот. Не дозволувајте ваквите мислења да ве обесхрабрат и растажат затоа што не сите приказни се исти.
Важно е во сиот тој процес да се доближите до вашето вистинско „јас“ и да го слушнете вашиот глас. Иако искуството може понекогаш да биде болно, сепак не откажувајте се и останете доследни на себе без разлика на туѓите очекувања.
Откако прочитавте за токсичната позитивност и зошто треба да ја одбегнувате, можеби ќе сакате да прочитате и 5 начини како да престанете да обрнувате внимание на негативните луѓе.
Извор: themindsjournal.com