Тест: Дали вашиот мозок е постар или помлад од вашето тело?

Тест: Дали вашиот мозок е постар или помлад од вашето тело?

Секоја нова болка во зглобовите и секоја брчка околу устата и очите покажуваат дека телото полека старее. Но, истото не може да се каже и за мозокот, бидејќи е многу потешко да се процени што навистина се случува за време на процесот на стареење во нашата глава.

Тест: Дали вашиот мозок е постар или помлад од вашето тело?

Секој орган во телото старее, а за разлика од другите органи, клетките во мозокот не се регенерираат. Односно, еднаш уништениот неврон не може да се регенерира, а истовремено не настануваат нови нервни клетки. Секој ден, човекот осиромашува за одреден број неврони во мозокот, што има влијание врз неговата големина, која се намалува со текот на годините.

Кај повеќето луѓе, првите знаци на стареењето се покажуваат помеѓу 40 и 50 години. Ова најмногу зависи од генетика. Сепак, генетиката не е единствениот фактор кој влијае врз мозокот и постојат други нешта што можат да го забрзаат или забават неговото стареење.

Имено, врз староста на мозокот најмногу влијае континуирано консумирање алкохол, пушењето, премногу или премалку шеќер во крвта, холестеролот и намаленото внесување на витамини, особено од групата Б. Стареењето на мозокот забрзува и со недоволна физичка активност, стрес, напнатост, земање психоактивни дроги како и физички трауми и воспалителни процеси во мозокот.

Луѓето кои имаат атрофија на мозокот можат целосно да ги зачуваат нивните ментални и интелектуални способности, но бројот на неврони кои комуницираат едни со други се намалува. Со учење и интелектуална работа, се создаваат нови врски во мозокот, со што се забавува неговото стареење.

Колку е стар вашиот мозок?

За да ја откриете староста на вашиот мозок, можете да го решите тестот на доктор Винсент Фортнаск, клинички професор по неврологија на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Сè што треба да направите е да одредите која од изјавите е точна или неточна за вас.

1. Секоја вечер спиете по 7-8 или повеќе часа.

2. Секој ден јадете 5 или повеќе порции овошје и зеленчук богати со антиоксиданси.

3. Секој ден консумирате барем една порција боровинки, малини или капини.

4. Најмалку три пати неделно јадете печена риба богата со омега 3 масни киселини.

5. Најмалку 5 дена неделно земате додатоци во исхраната, рибино масло или ленено масло.

6. Редовно консумирате мултивитамини и фолна киселина како додатоци во исхраната.

7. Секој ден земате ниска доза аспирин.

8. Барем 5 дена неделно пиете црно вино или сок од грозје.

9. Повеќето денови од неделата вежбате барем 30 минути, а интензивно вежбате 3 или повеќе часа неделно.

10. Барем 5 денови во неделата читате книги, решавате крстозбори, судоку или сложувалки и правите нешто што бара активно учење, помнење, пресметување и решавање проблеми.

11. Имате „добри“ гени и некои членови од вашето семејство доживеале и 80 години без проблеми со помнењето.

12. Вкупното ниво на холестерол ви е под 5,2 mmol/l.

13. Нивото на лошиот холестерол ви е пониско од 3,3 mmol/l.

14. Вашата тежина не е прекумерна.

15. Јадете малку црвено месо. Вашата исхрана воглавно се состои од овошје, зеленчук, продукти од цело зрно, грав, јаткасти плодови и семиња.

16. Наместо маргарин и путер, користите маслиново масло и намази без транс масти.

17. Никогаш не сте пушеле.

18. Имате нормален крвен притисок.

19. Немате дијабетес.

20. Немате метаболички синдром (зголемено ниво на триглицериди, масни наслаги на стомакот и хипертензија), познат и како отпорност на инсулин.

21. Немате проблеми со спиењето како ‘рчење, апнеа или несоница.

22. Секојдневниот неконтролиран стрес не е ваш проблем.

23. Имате силна поддршка од околината и уживате во активностите со пријателите, колегите и членовите од семејството.

24. Немате проблеми со краткотрајното или долготрајното помнење.

25. Подготвени сте да работите на превенција на Алцхајмеровата болест и сакате да направите што било за да го спречите развојот на болеста.

Резултати

Избројте колку изјави се точни за вас и прочитајте што кажува вашиот резултат.

0 до 11: Висок ризик од Алцхајмерова болест

На вашите години додајте уште 10 и толку е стар вашиот мозок. Што побрзо поразговарате со вашиот лекар за вашите проблеми, толку побрзо ќе најдете решение.

12 до 14: Умерен ризик од Алцхајмерова болест

На вашите години додајте уште 5 и тоа е возраста на вашиот мозок. Иако разликата во години не е голема, важно е да бидете свесни за ризичните фактори што ја зголемуваат можноста за настанување на Алцхајмерова болест.

15 до 19: Мал ризик од Алцхајмерова болест

Староста на вашиот мозок е иста со вашето тело. Добро разгледајте го тестот и откријте кои промени можете да ги направите за да го зачувате здравјето.

20 до 22: Добар резултат

Од вашата возраст одземете 10 години и ќе ја добиете возраста на вашиот мозок. Вие веќе добро се грижите за вашето ментално и физичко здравје, но изјавите кои сте ги обележале како неточни нека ви бидат водич за промените што треба да ги направите.

23 до 25: Вие стареете на одличен начин

За да ја откриете возраста на вашиот мозок, од вашата возраст одземете 15 години. Засега сте здрави и имате млад и продуктивен ум. Продолжете на овој начин и ризикот од Алцхајмерова болест ќе остане многу низок.

Погледнете и како да го одржите мозокот здрав до длабока старост.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар