Темно, горко и јако

Темно, горко и јако

Кога е здодевно се вртат и по малку глупави муабети, колку да ти мине времето. Се излежаваме кај Ена дома, ми се чини дека цел ден го поминавме така „оптегнати“ насекаде низ нејзината соба. Па добро, се прашувам, како е можно најјаките муабети да ни текнуваат на места каде не можеме слободно да зборуваме? А во вакви околности, ништо ич!Темно, горко и јакоЕ сега, од нигде–никаде ù текнува на Кики Карамел, да нè праша какво кафе пиеме. Но не само горко, благо или средно, туку сè во детали. Го пиеш жешко, ладно, со млеко, или со некаков засладувач? Навечер, насабајле, колку кафиња дневно пиеш, во друштво или сам? Бог да чува, што треба сега ова да значи? Кики ни е една од најпаметните во друштвото, без неа дури и плаќање сметка во кафуле станува вистинска конфузија. Па си велам, за ова прашање мора да постои некаква јака психолошка основа.

Ни на крај памет – какво си го пиел кафето, таков си бил во сексот! Што е следно, како ги јадеш шпагетите, таква ќе ти биде иднината? Можеби ги јадеш со вшмукување или пак ги загризуваш? Не знам од каде го чула овој „психолошки“ тест, ама добар е за „бош“ муабети. А чекај, тогаш што значеше тоа дали го пиеш во друштво или сам? Направивте обичното пиење кафе да се граничи со перверзност! Сега секогаш кога ќе си направам кафе, ќе си мислам што ми се „сака“ во моментот и зошто баш такво сум го направила? Не знам дали Кики ја постави темава само за да се пошегува со нас или да ни ги открие нашите „најскриени тајни“. Што значеше ако го пијам жешко и горко? Навистина? Епа се премислив, не го сакам такво! А ако сакаш инстант кафе две во едно, си бисексуалец?! Ајде сега да те видам кажи дека кафето го пиеш со многу шлаг-пена одозгора!

И не е само ова, слободно пребарајте на Гугл, има да најдете еден куп слични тестови. Ајде сега замисли си коцка. Ја замисли? Каква е, опиши ја коцката. ОК, тоа значи дека ти си таков, таков и таков човек. Ма немој, сето тоа според коцката која си ја замислив? Експерти! А ако утре ми текне да си ја замислам поинаку? Само си ги лажеме умовите. За некој да открие каков си психички, би требало истиот тој човек да биде психијатар, со диплома, да се разбира од човековата психа, зашто секој си е различен и свој. Ама не, во нашево општество ако одиш на психијатар си „мрднат“. Во ред, тогаш седете си дома, гледајте си на кафе, и муабетете за некакви бабини деветини и суеверија, па бидете нормални! Од толкав страв да не испаднеш ненормален пред другите, твоето скриено лудило сè повеќе расте.

Дојде време на самопрогласените експерти, секој е тоа што сака да биде без ни малку труд. Да, јас навистина верувам дека и во нашите најобични постапки се крие некакво психолошко значење, ама погрешно го толкуваме, даваме значење на погрешни работи. Не да се сконцентрираме на тоа што можеме да направиме денес за да си го подобриме животот, ние ќе останеме цел ден дома и ќе безделничиме зашто сме сонувале лош сон. Самите сме си саботери, ние си се уназадуваме, никој друг не ни е пречка. Во 21-век, кога за толку многу работи постојат докази и научни истражувања, кога имаме одговори за многу прашања, ние го величиме суеверието.

Во минатото луѓето биле суеверни бидејќи врска немале зошто врне, или од каде доаѓа грмотевицата. Епа кое е тогаш нашето објаснување, зошто сме ние суеверни? Науката докажала дека може човек да биде полубуден во фаза на заспивање и да биде парализиран, ама не, нејзината баба кажала дека во тој случај ја „газат“ сенки. Абе биди свесна додека си будна и пази како одиш по улица да не те згазне камион, тоа е лошото.

Топло ве поздравувам, и ви велам внимавајте какво кафе пиете на првиот состанок, каква храна јадете и на која страна од масата се навалувате, можеби вашиот партнер потајно ви прави психоанализа. И немој попладнево да сте метеле низ дома, зашто може никој да не сака да ве земе за жена. 🙂


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Verica Reply

    Фантастично! 🙂

  2. Мона Reply

    E ова е тоа! Браво! 😀 хаха ме изнасмеавте.. 😀

  3. Анн Reply

    ми се допаѓа текстот, само можел да биде по reader-friendly, т.е. во помали параграфи и без детали кои не ни значат ама баш ништо, освен ако на Кафепауза не се отвори и литературна рубрика. 🙂
    П.С. Без навреда, се разбира.

Остави коментар