Судено ли ни е?

Судено ли ни е?

Судбината е чудна работа. Не знаеш на кој пат ќе те однесе. Не знаеш каква одлука ќе треба да донесеш и дали е денес тој ден кога сите работи во твојот живот ќе се свртат наопаку. Дека животот ќе ти се смени за 360 степени. Можеме да си ја контролираме сопствената судбина? Дали постојат знаци кои ни ги испраќа некој со цел да ни каже дека нештото ни е судено нам и дека треба да го зграбиме додека имаме можност?Судено ли ни е?Денес сакам да ви раскажам нешто, кратка приказна за една девојка. Девојката имаше долга врска кога во нејзиниот живот се појави друг маж. Беше решила целосно да го игнорира иако ù годеше вниманието кое го добиваше од него. Беше прашање на време, поточно дел од секунда кога таа ја донесе одлуката, да сепак излезе со него. Неочекувано, непланирано, едноставно се случи. Нејзината врска пропадна и таа се најде себеси како цела година трага по нова љубов. Зошто ја донесе таа одлука? Зошто од безбедно место влета во бурно море каде никој не ти гарантира дека повторно ќе најдеш некој грижлив кој внимава на твоите потреби и те сака, вистински те сака? Требаше ли таа да бара знаци испратени од универзумот дека нејзината одлука е правилна?

Работата е во тоа што, тие знаци ги нема. Најчесто тој што ги гледа, всушност го гледа она што сака да го види. Ќе речеме дека било судбина. Не! Судбината те носи на одреден пат, а одлуката која ќе ја направиш е твој избор, а не е дека така ти било судено. Срцето и судбината – два главни и дежурни виновници за сè што ни се случува. Како прво, оставете го срцето на раат. Негова задача е да ви дава живот, а не да ви зборува. Не може срцето да ви кажало нешто, тоа сте биле вие, вашиот разум, вашата потсвест. И судбината не ни е крива за ништо. Не може да не ти било судено да направиш нешто, може само да не си се потрудил доволно.

Како и да е, девојката сепак, повторно најде некој кој е грижлив. Излезе дека одлуката да излезе од таа врска, било најдоброто нешто што го сторила во животот. Немаше никаква гаранција каков ќе биде исходот, но требало да се ризикува. Некогаш ризикот ќе се исплати, некогаш не. Но, на крајот на краиштата, тоа е животот. Не може секогаш да играме на сигурно. Од страв дека нашата одлука би била целосно погрешна, се тешиме самите себе барајќи знаци, некакви сигнали од судбината. Зошто толку копнееме по тие знаци? Зарем толку сме несигурни во себе? Зарем толку сме исплашени?

Да разбереме дека животот си го контролираме самите. Дека ние ги носиме најважните одлуки. Најважно од сè, да сфатиме дека ако одлуката била погрешна, секогаш имаме можност за втора шанса, дека никогаш, ништо не е изгубено. Некогаш нештата во животот се случуваат неочекувано, ќе те пресретнат изненадно, од немајкаде. Ама поврзани се работите, за сè има причина. Постои логика во тоа дека сè на овој свет е поврзано. Работите и личностите кои ги среќаваме, тука се со причина која ќе ја согледаме порано или подоцна.

Би сакала на приказната да ù дадам и крај, да не остане незаокружена. Којзнае, можеби во тој момент кога девојката стана достапна за нови случувања во животот, момчето со нетрпение го очекуваше моментот кога таа ќе стане дел од неговиот живот. Можеби сепак, си биле судени еден на друг. Можеби… којзнае.

Епа да, судбината е чудна работа, а животот е интересен и непредвидлив. Според мене, баш тоа е убавото во него. Можеби знаците дека нешто ни е судено само си ги замислуваме, а можеби има причина зошто ги бараме.

Го чувствувате мирисот на утринското кафе? Тоа е знак кој универзумот ви го испраќа и значи дека вие, во овој момент, треба да се сместите удобно, да се релаксирате, да пуштите добра музика и да уживате во вашето кафе, без да ви е грижа ама баш за ништо. Јас знам дека тоа е токму она што ќе го направам сега.

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар