Стрес или депресија? Дознајте ја разликата

Стрес или депресија? Дознајте ја разликата

Поимите стрес и депресија многу често се користат како да имаат исто значење. Иако симптомите се слични, и едното често може да води до појава на другото, стресот и депресијата се две сосема различни состојби. Но понекогаш само професионалец може да ви открие дали страдате од стрес или пак од депресија.

stres-ili-depresija-koja-e-razlikata-kafepauza.mk

Што е стрес?

Стресот е чувство на ментален и емоционален притисок. Најчесто е предизвикан од моменталната ситуација во вашиот живот кога ви се чини дека треба да се справите со повеќе отколку што можете. Може да станува збор за сметки кои не можете да ги платите, премногу материјал за учење, семејни проблеми, врска во која немате контрола и слично. Стресот е премногу блага состојба за да биде класифициран како нарушување, но многу лесно може да се претвори во тоа доколку не се справувате правилно со него. Да чувствувате малку стрес е нормално, а понекогаш дури е и од помош. Може да ве мотивира да преземете нешто, како на пример да го завршите проектот пред крајниот рок. Од друга страна, доколку сте изложени на премногу стрес, тоа има негативно влијание на вашиот целокупен живот.

Што е депресија?

Депресијата е многу потешка состојба од стресот и трае значително подолго. Таа е нарушување поради кое се чувствувате нерасположено поголемиот дел од времето. Се чувствувате несреќно, немотивирано и незаинтересирано за работите кои обично ви причинуваат задоволство. За разлика од стресот кој секогаш си има причина, депресијата може да се појави од нигде. Може да биде резултат на некое болно искуство, или пак да избие поради натрупувањето на многу потиснати и стари емоции. Поради нејзината ирационална природа, депресијата прави да се чувствувате како да немате контрола над ништо. Ако не се третира, оваа состојба може да биде навистина опасна и да предизвика суицидни мисли.

Кои се симптомите на стрес и депресија?

Многу е тешко да се разликуваат симптомите на овие две состојби. Понекогаш тие се совпаѓаат, па може да ви биде навистина тешко да одредите дали се справувате со стрес или со депресија. Но сепак, симптомите на депресија се секогаш поизразени и траат со недели и повеќе. Симптомите на стресот поминуваат по неколку денови.

Симптоми на стрес:
  • Чувство на нервоза и гнев
  • Чувство на преплавеност
  • Проблеми со опуштање и спиење
  • Проблеми со концентрација
  • Изнемоштеност
  • Чести главоболки
  • Триење на забите
  • Постојана грижа
  • Губење интерес за социјален живот
  • Чувство дека не можете да се справите со тешкотиите во животот
Симптоми на депресија:
  • Чувство на тага и безнадежност
  • Изнемоштеност, недостаток на мотивација и енергија
  • Чувство на постојан срам и вина
  • Променливо расположение
  • Промена во навиките за јадење, намалување или покачување на телесната тежина
  • Мисли за самоубиство
  • Проблеми со меморијата
  • Проблеми со донесување одлуки
  • Губење интерес за социјален живот
  • Чувство дека не можете да се справите со тешкотиите во животот

Кои се сличностите помеѓу депресијата и стресот?

  • И двете состојби се случуваат различно кај секоја личност. Причината за нивната појава е различна кај секого.
  • И двете имаат влијание на вашето расположение и енергија. Прават да се чувствувате лошо и изнемоштено.
  • И двете состојби влијаат на вашиот сон. Може да предизвикаат несоница, или пак да спиете повеќе од вообичаено.
  • Влијаат на вашиот апетит. Може да почнете да се прејадувате или пак, да изгубите секаков интерес за храна.
  • Попречуваат на вашето нормално функционирање. Потешко ви е да се концентрирате и да ги извршувате вашите секојдневни обврски.
  • Прават да изгубите интерес за социјалниот живот. Сакате да останете изолирани и не сакате да бидете блиски со семејството и пријателите.

Кои се разликите помеѓу стресот и депресијата?

  • Причината за стресот секогаш е очигледна, додека депресијата може да се појави кога било.
  • Стресот исчезнува кога се променува ситуацијата во вашиот живот. Депресијата може да остане и со години, без разлика на промените во вашиот живот.
  • Стресот е предизвикан од сегашните настани, додека депресијата може да настане од емоции или проблеми од минатото.
  • Ако не се лекува, стресот може да води до депресија или анксиозност. Ако не се третира правилно, депресијата може да предизвика суицидни мисли.
  • Стресот е социјално прифатен, а понекогаш дури и охрабруван. Депресијата сè уште претставува табу тема.
  • Малку стрес може да ви биде од корист. Но дури и благата депресија многу изнемоштува.

Како да се справите со стрес и депресија?

Добрите вести се тоа што и стресот и депресијата може да се излечат. Постојат многу начин да се справите со стресот, како решавање на проблемот што го предизвикал, или пак подобра грижа за вашето тело. За жал, депресијата е посериозно нарушување и може да ви биде тешко сами да се справите со неа. Најдобро е да побарате професионална помош. Сепак, некои од методите за ослободување од стрес може да ги намалат симптомите на депресија.

Како да го ублажите стресот?

Направете план: Откријте што го предизвикува вашиот стрес и побарајте решение на кое ќе почнете да работите уште веднаш.

Избегнувајте стресни ситуации: Земајте пауза кога се чувствува анксиозно, преморено или загрижено.

Грижете се за вашето тело: Кога вашето тело е во форма, ќе ви биде полесно да се справите со стресот. Вежбајте редовно, хранете се здраво и подобрете го квалитетот на вашиот сон.

Побарајте помош: Немојте да страдате во тишина. Ако ви изгледа дека ситуацијата излегла од контрола, побарајте помош од професионалец или од некого кому му верувате.

Побарајте помош ако сте во депресијата

Депресијата е сериозна ментална состојба. Важно е да запомните дека не треба да се срамите од неа. Ако забележите барем еден симптом на депресија, веднаш побарајте помош. Колку порано почнете со нејзино третирање, толку подобро.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар