Справување со стресот на работното место и зачувување на психолошкото здравје
Стресот на работното место е специфичен вид стрес, а неговиот извор е во работната околина. Тоа е реакција кога луѓето се изложени на барања и притисок кои не се во согласност со нивните знаења и способности. Може да се дефинира и како значајна нерамнотежа помеѓу барањата и способноста да се задоволат истите, во ситуациите кога неуспехот заради тие барања има значајни последици врз вработените.
Кога човекот е изложен на зголемен стрес, тогаш се нарушуваат и биолошките функции, како што се сонот, апетитот, нивото на енергија и сексуалниот нагон, а сето тоа влијае на нивото на функционалност и намалување на работната ефикасност, но и на целокупниот квалитет на животот.
Менталните болести како причинители за работната неспособност
Светската здравствена организација проценила дека менталните болести, кои вклучуваат и нарушувања поврзани со стресот, до 2020 година ќе бидат вторите причинители за работната неспособност, односно веднаш зад хроничните заболувања (како на пример, кардиоваскуларните болести).
Затоа една од препораките за зачувување на металното здравје е земањето мали паузи што значи дека би требало да одморите и да се оттргнувате од работата колку почесто можете, како и да ја гледате пошироката слика доколку не сакате работата која ја обожавате да ве „проголта“. Емоционалната писменост тука игра важна улога – важна е за зачувување на менталното здравје, која се дефинира како способност да се совлада секојдневниот стрес.
Разликуваме пријатни и непријатни чувства, но ниту една група чувства не треба да се избегнува. Важно е низ животот да научиме како да се носиме со чувствата кои произлегуваат од секојдневните ситуации. Сосема е во ред луѓето понекогаш да се чувствуваат луто, тажно или несигурно. Но, прво мораме да научиме да ги препознаваме тие чувства и да ги искажуваме. Единствено ако сме во мир со самите себе, ако се контролираме самите себе и знаеме што некои работи значат за нас, можеме во животот да го постигнеме она што мислиме дека би требало. Секој ден би требало да направиме нешто добро за себе и да се дружиме. Би требало и да разговараме, да ги прашуваме другите, да слушаме, но и да бидеме подготвени да кажеме што мислиме и како се чувствуваме. Тука спаѓа и занимавањето со спорт, здравата исхрана, сите оние работи кои се дел од здравјето. Во контекст на грижата за менталното здравје влегува и грижата за физичкото здравје, бидејќи менталното и физичкото здравје се неделиви.
11 активности кои ќе ве зајакнат и ќе ви ја зголемат отпорноста на стрес:
- Препознајте го изворот на лош стрес, како и што го предизвикува секојдневниот стрес.
- Комуницирајте, разменувајте искуства.
- Изградете цврсти односи и соодветна социјална мрежа на поддршка.
- Усогласете ги приватниот и работниот живот.
- Хранете се здраво, избегнувајте алкохол, тутун и дрога.
- Спијте доволно и одморете се.
- Релаксирајте се и рекреирајте се (вежбајте или занимавајте се со некоја физичка активност).
- Исполнете го слободното време со квалитетни содржини, односно имајте хоби.
- Планирајте и организирајте го времето и обврските, односно направете распоред.
- Управувајте со мислите и чувствата.
- Одете на психотерапија или побарајте помош од експерт.
Извори на стрес:
- Не прифаќање или неуважување на мислењата од страна на надредените.
- Нереални очекувања за количината на работни обврски и времето во кои тие треба да се извршат.
- Постојано контролирање и надгледување на секој чекор.
- Долготрајни и непотребни состаноци.
- Непочитување, потценување.
Во 74% од случаите стресот го предизвикуваат шефовите
Во истражувањето на Европската агенција за заштита на работата заклучено е дека половина од европските работници сметаат дека стресот е честа и вообичаена појава на нивното работно место. Истото истражување покажало и дека стресот е причина за половина од изгубените работни денови. Во друго истражување, како најголем извор на стрес, 74% од испитаниците навеле дека тоа се шефовите на работното место, а околу 50% колегите од канцеларијата.
Психосоцијални ризици на работното место кои доведуваат до стрес:
- Прекумерното работно оптоварување.
- Преголеми барања и нејасна улога на вработените.
- Менување на упатствата и правилата.
- Изоставување од донесувањето на одлуките кои влијаат врз работниците и неможноста за влијаење на начин на кој ќе се извршува работата.
- Лоша организациска промена, работна несигурност.
- Неефикасна комуникација, недостаток на потпора од управата или колегата.
- Психолошко или сексуално вознемирување.
Доколку стресот станува дел од вашето секојдневие, тогаш задолжително погледнете ги овие несекојдневни начини да се ослободите од стресот.