Спортска психологија: 4 техники со кои спортистите го достигнуваат својот потенцијал
За да постигнете успех во кој било спорт или атлетски натпревар, многу е важно да се фокусирате на вашиот ум исто колку што се фокусирате и на телото. Здравиот ум е оној кој води кон добро вежбање, подготовка и фокус за време на натпреварот. Токму затоа и спортската психологија зазема голем замав во последно време, помагајќи им на многу големи атлети да ги подобар своите вештини и да го достигнат својот потенцијал. Погледнете ги 4-те најчести техники кои им помагаат полесно да ги остварат своите цели…
1. Поставување цели
Поставувањето цели е првата голема техника која сите атлети ја користат со цел да се подобрат. Тие не вежбаат без план, туку со специфични цели кои ги водат кон остварувањето на соништата. Па, како да одредите соодветни цели, кои истовремено ќе бидат реални, но и доволно силни за да ве мотивираат да продолжите понатаму?
Специфичност – Колку се поспецифични целите, толку повеќе ќе знаете точно што треба да одработите.
Мерливост – Многу е важно вашите цели да можат да бидат измерени со цел да знаете дали имате напредок.
Предизвик кој може да се достигне – Истражувањата ни покажуваат дека целите се најефикасни кога ни претставуваат предизвик, но истовремено и се доволно реални за да можат со тек на време да се достигнат.
Временско ограничување – Ставете краен рок на вашите цели за да можете да бидете фокусирани и дисциплинирани.
Запишете ги – Многу е важно да ги запишете вашите цели со цел да можете да го следите напредокот. Тоа исто така може да ви биде и извор на мотивација во потешките моменти кога се двоумите во себе.
2. Зборување со себе
Зборувањето со себе е многу важна техника во спортската психологија. Според една неодамнешна студија, начинот на кој атлетите зборуваат со себе има драматичен ефект врз нивниот перформанс и став. Еве ги клучните откритија за како ова зборување може да им влијае на спортистите…
Инструкции – Доколку си давате инструкции, вие многу полесно ќе можете да работите на подобрување на вашите вештини и техники. На тој начин станувате посвесни за своите слаби точки и можете поинтензивно да работите на нив.
Мотивација – Таа е потребна за задачите кои бараат сила и издржливост, висока самодоверба и подготовка за натпревар. Токму затоа и мотивациските говори од вашиот тренер имаат толку силно влијание врз вас. Но, доколку тоа самите го правите, мотивацијата се зголемува уште повеќе.
Новости – Одредени студии покажале дека зборувањето со себе е подобро за новите задачи, отколку за оние кои веќе добро сте ги научиле. За новите задачи, со зборувањето вие полесно ќе ги учите, додека пак, ако веќе сте долго време во таа игра, тоа може само да го наруши вашиот перформанс.
3. Ментално замислување
Одредени студии во областа на невронауката покажале дека кога замислуваме како правиме одредени активности, ние ги активираме оние региони од мозокот кој се вклучуваат кога реално го правиме тоа. На овој начин ние ја визуализираме целта која сакаме да ја постигнеме и со тоа веќе сме еден чекор поблизу од кога било претходно. Но, доколку сакате најдобри резултати, следете ги следниве совети од психолозите:
Прво лице еднина – Обидете се да замислите како вие сакате да се однесувате и точно што сакате да се случи така што ќе ја гледате ситуацијата низ вашите очи. Искусете го достигнувањето на оваа цел во мислите како во моментов навистина да ви се случува.
Бидете реални – Обидете се да ја замислите оваа ситуација што е можно пореално, вклучувајќи ги и најмалите детали, како облеката која ја носите или боите на теренот кој е околу вас.
Фокусирајте се на процесот, не на резултатите – Обидете се да го замислите целиот процес од почеток до крај. Не се обидувајте да прескокнете директно до финишот, туку поминете го целиот настан низ вашите мисли.
Вклучете повеќе сетила – Обидете се да го замислите ова искуство со повеќе сетила. Што можете да видите, чуете, почувствувате, вкусите, мириснете…? Колку повеќе сетила вклучите, толку појасно ќе го визуализирате и доживеете ова искуство.
4. Медитација
Последната техника која во последно време е многу популарна во спортската психологија е употребата на медитацијата. Таа е можеби и една од најмногу истражуваните области во психологијата, со резултати кои ни покажуваат дека го подобрува фокусот, го намалува стресот и анксиозноста, како и го подобрува вашето здравје и имунитет. Сите овие придобивки можат да бидат од клучно значење за атлетите.
За да го зголемите вашиот успех, многу е важно да влезете „во зоната“ за време на вашиот натпревар. Ова често вклучува игнорирање на негативните мисли (двоумење, грижа, грешки) и надворешните дистракции (публика, навреди, медиуми). Целта на медитацијата е да се фокусирате на сензациите од вашето дишење додека ги игнорирате сите нешта кои би можеле да ви го одвлечат вниманието. Фокусот е клучот до успехот.