Спонзори, спонзорки и спонзоруши

Спонзори, спонзорки и спонзоруши

Во текот на едно лежерно викенд утро, посегнувам по весникот оставен на маса и почнувам да го листам од последната страна. Не дека и за други работи во животов сум „нопак“, нема врска…

Хороскоп за водолија: „Проблеми поврзани со пари…“, извини, а кој нема проблеми поврзани со пари? Како што вели татко ми, „на оној кој има малку, малку му фали, на оној кој има многу, многу му фали, во секој случај, нешто ни фали“. Во ред, тоа е друга тема на муабет, „…финансиите можат да ви го расипат расположението…“, алоо човеку олабави, веќе дефиниравме дека се наоѓам во непосакувана финансиска ситуација. Всушност, она што за мене е посакувано, е да имам доволно пари овој викенд наместо да ги читам твоите глупости во делот за хороскоп, да одлетам до Мајами, онака чисто за релаксација. До каде бев, а да, значи „ …можни расправии и нехармоничен љубовен живот“, е сега одлучно ја вртам страницата… па кога последен пат мојот љубовен живот слушнал за хармонија?!?

На наредната страница ме разденува еден примамлив наслов: „Џенифер Лопез  му подари автомобил на своето момче“, типов го прославувал својот 25-ти роденден… чекај малку, а колку години има оваа Џенифер, 50? Сега претерав, но повеќе од 40 има сигурно. Потоа ми светнува една идеја, почнувам да си вртам мисли за машките „спонзоруши“, постојат, нели? Па кога постојат женски спонзоруши, зошто да не постојат машки? Кога веќе се залагаме за еднаквост меѓу половите, ајде да бидеме фер, мора да постои и друга страна. Браво за момчево, си нашло своја „Шугар Мама“!Спонзори, спонзорки и спонзорушиВсушност што е тоа женска или машка спонзоруша? Во овој свет кој полека, но сигурно се движи кон лудило, се знае точно кој што е? Постојат некакви дефиниции, правилно етикетирање, називи или нешто слично? Можеби ни треба речник со секојдневни фрази и правила? Кој всушност знае што е правилно?  Па почнувам да си ги поврзувам работите во глава, како се нарекува личност која е платена затоа што е згодна и им угодува на мажите? Мислам дека сите го знаеме зборот па не мора да го кажувам, само што ете некој го извртел некако, го вовел како нов збор – спонзоруша, а најстрашното е што сите тие се горди што се такви. Потоа земам чекор назад, „оладувам“ малку, па си велам, во ова демократско општество, секој може што сака да си прави, како сака да си се нарекува. Решив да ги отворам видиците, да размислувам подалеку од носот, да не бидам ограничена, па одлучно си велам, ако постојат мажи кои поради своите пари до себе лепат млади и згодни девојки, зошто да не постојат жени кои ќе „ловат“ млади момци само затоа што им се може?

„Не, дефинитивно, големо НЕ! За машки или женски спонзоруши, спонзори или спонзорки, сеедно, НЕ!“ – одлучно вели сестра ми, всушност поодлучна и не можеше да биде. Но зошто? Жената си има пари, моќ, слава, зошто да не? Зошто да биде осудувана? Некој го осудил Хју Хефнер за тоа што ни сам незнае колку жени има? А мислам дека и одамна престанал да брои колку години има. Напротив, тој е „јак“, може да ја има секоја која ќе ја посака… Зошто тогаш жената која е во улога на спонзор да не речеме дека е „јака“, а не дека е за жалење? Што е проблемот со нас? Зошто попрво (внимавајте, повеќето од нас), би ѝ се восхитувале на некоја која оди со стари лигави типови со пивски стомаци само заради пари, отколку на некоја зрела жена која одбрала „младо парче“?

Но чекајте, размислете добро, која е разликата? Спознорот нема да се грижи за својот изглед, тој си ја финансира својата спонзоруша и воопшто око не му трепка, но зрелата жена во улога, ајде да речеме, на спонзорка, и тоа како ќе се грижи за својот изглед, за младото мевце да не ѝ забега за некое уште помладо, па тоа е женска филозофија, ние секогаш сакаме да бидеме достојни за мажите! Нели не е фер?

Наеднаш ми светнува нешто во глава, се присетувам на зимското попладне поминато кај Ена и муабетот кој „падна“ таму. Знам дека се муабетеше на оваа тема, па Пипи рече, со истиве зборови, памтам ко вчера да беше:

„Немам ништо против мојот дечко да ми купит сè шо ќе сакам, значит тој излегвит со згодна женска, па можда одвреме-навреме требит да се покажит!“

А мајката на Ена, најдобронамерно нè посоветува да бираме маж кој е доволно силен да носи дрва, за наше добро во иднина. 😀 Во истиот момент на телевизија се појави толку згоден црнец, што ќе го испуштев кафето од рака, па гласно искоментирав:

„Ма немој молим те, ако е ваков ко овој, можит и скршен денар да немат, ќе му бидам ШУГАР МАМА!“.

Леле да, луѓе, тие зборови имаат излезено од моја уста, на зафрканција или не, не е битно, сум го помислила, сум го рекла! Не дека јас и Пипи сме блиску до спонзоруши или спонзорки, но сепак, сме искоментирале, ни заминал умот таму… па колку може да биде тенка границата помеѓу искрена љубовна врска… и спонзорство? Можеби ова е филозофијата: нели спонзор се бара за спортист, актер, добар производ, нешто што вреди, што треба да биде финансирано, па дали многу лесно ова почнало да важи и за згодните дечки и девојки?

Кога веќе ми текна на Ена, ѝ се јавив на телефон, па уз муабет побарав нејзино мислење на темава:

„Види вака, тоа се жени, во своите зрели години, кои можеби се развеле, или се одлучиле воопшто да не се мажат, тие се фокусирани на својата кариера, и сакаат забава одвреме-навреме, па одбираат некое незрело младо момче кое исто така сака забава, а воедно ќе има и корист, а неа ќе ѝ годи неговото друштво зашто не сака маж кој ќе ѝ виси на глава, и ќе ја малтретира со идејата за брак… Но, од друга страна, не мора да значи дека станува збор за спонзорство, можеби едноставно, тие двајца се заедно поради љубов?… Ма сеедно, дојди дома да пиеме кафе!“

Па што се чудам јас, си велам дај бре не биди смешна, сè се заснова на пари, корист, на алчното его на денешницата, веќе не треба да нè чудат никакви појави, сите граници за нормалното некако се изместија. Не чудете се ако во иднина по улиците гледате згодни 20-годишни со 40-годнишни „фраери“ чии тела се тресат како пачи, „уфилмани“ типци и типки (секако, ги има и сега, но гарантирам дека ќе се множат во иднина), хомосексуалци со нивните дечиња (читај: не, немам ништо против геј луѓето, поентата ми е друга!), „филмски ѕвезди“ и „мафијаши“… всушност сè што сега се смета за нормално, во иднина ќе биде дел од „фрик“ популацијата…

Се надевам дека ве оставам во добро расположение, а кога сме веќе на оваа тема…



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. DeNiz Reply

    Povise gluposti na edno mesto ne sum procital!Ne e pisuvanje za sekogo!!!

  2. AbcD Reply

    sho znam, mene mi e bash onaka ok, me potseka na Sex and the city po malku, mislam vo pishuvanjeto

Остави коментар