Спој на мода и креативност: Хартиена облека за најуникатните дами
Сигурно повеќето од вас се прашуваат како е возможно да се облече хартија наместо облека? Па, уметниците се навистина малку чудни, несекојдневни и необични, а често за модата велиме дека е игра, па зошто да не би го направиле токму тоа – да си поиграме малку.
Навикнавме денес на улиците, во канцелариите или на ноќните излегувања да гледаме жени и мажи кои сѐ повеќе личат едни на други, облеката им е како униформа и секоја модна комбинација е идентична. Во морето на бизарни и различни трендови кои постојат, а ги има дефинитивно повеќе од кога било порано, сите ние како да станавме едно, па се облекуваме слично, имаме слична фризура, слични нокти… Но, тоа не може да се каже за необичната и креативна уметница Ејџакс Ли.
Таа љубовта кон високата мода ја пренела на своите едноставни цртежи, а своите омилени модни комбинации ги нацртала на лист хартија и „ги облекла“. За неа велат дека е Кукла од хартија, а инспирацијата за своите крајно необични дела ја пронашла во славната уметница Елси Шепарели.
Таа омилените модни комбинации ги црта на хартија, а потоа 2Д цртежите ги облекува или ги носи со себе, а секако ниту една модна комбинација не би била целосна без аксесоари и нив со задоволство ги носи на овој необичен начин. За неа, како што вели самата, модните цртежи се како домашен миленик и секаде ги носи со себе.
За секој моден проект, како што Ли ги нарекува своите цртежи, потребни ѝ се до четири месеци за целосно да ги заврши, а за своите креации користи и модерни програми како што се Фотошоп и Илустратор. Уметноста не познава граници, баш како и модата и се надеваме дека ќе уживате во делата на оваа необична млада жена.
За тоа дека модата и креативноста се најдобри другарки, погледнете ги овие креативни фустани изработени од хартија.