Совршена стратегија: Како да ја поканите на состанок?
Едно истражување покажало дека дури 70% од луѓето не се сигурни дали поканата за излегување значи љубовен состанок или не? Според неколку студии, мажите се исто толку збунети како и жените кога станува збор за состаноците. Токму затоа, за работите помеѓу вас да бидат појасни, а и девојките да ја сфатат вистинската цел на вашата покана, погледнете ја следнава стратегија на поканување со која ќе ѝ дадете до знаење дека вие имате романтични планови со неа и дека не станува збор само за пријателска покана.
Следниот петок
Кога закажувате состанок, направете го тоа неколку денови претходно. На овој начин вие веднаш ќе ѝ дадете до знаење дека таа е посебна за вас и дека ја почитувате. Доколку ѝ кажете да се видите оваа вечер, жените многу често помислуваат дека се поканети само затоа што вие сте немале поинтересни планови. Токму затоа прашајте ја неколку денови порано, особено ако планирате состанок во кино или на концерт. На тој начин нема да помисли дека имате вишок карта и дека таа само го пополнува местото на некоја друга личност.
Преправајте се како да живеете во 1999 година
И јавете ѝ се! Половина од жените кои учествувале во една анкета изјавиле дека потешко ја разбираат намерата на мажите кога ќе добијат покана преку СМС порака, а дури 85% признале дека повеќе сакаат да се договорот преку повик, наместо преку пораки. Доколку ѝ се јавите, вие ќе ѝ покажете дека одвојувате време за неа, додека истовремено ќе имате можност таа да ви го чуе гласот, што понекогаш може да биде моќен афродизијак.
Не бидете срамежливи
Ако ѝ предложите „да се видиме“, вие оставате простор за дилема. Таа нема да знае дали барате друштво за ручек или пак, можеби сте заинтересирани за нешто повеќе. Токму затоа колку што можете повеќе избегнувајте ги двосмислените покани. Ако директно ја прашате за излегување, тогаш ќе добиете и јасен одговор. На овој начин вие и брзо ќе дознаете дали само губите време со неа или пак, и таа е исто така заинтересирана за вас.
Завршете ја вашата домашна работа
Доколку сакате да ја освоите девојката, мора да имате план. Најдобрата стратегија е најчесто и наједноставната. Вие сè што треба да направите е да ја слушате кога таа зборува и да ги запомните сите оние нешта кои ја интересираат и кои ѝ се допаѓаат. На пример, ако сте забележале дека слуша електронска музика, тогаш следен пат можете да ја поканите на журка каде што нејзиниот омилен диџеј ќе пушта музика. Веројатноста да ја прифати оваа покана е и повеќе од голема.