Совршена љубов, погрешен тајминг: Што се случува кога ќе ја запознаете вистинската личност 10 години предвреме?
Дали некогаш ви се случило да ја запознаете вистинската личност, но тајмингот да бил лош? Дали ви се случило да можете сосема јасно да ја замислите својата иднина со некого, а сепак да чувствувате дека е премногу рано за да останете засекогаш заедно? Дали сте биле во ситуација да пронајдете некој кој ве разбира, не површински, туку длабоко во самата ваша суштина, но вие едноставно не сте биле спремни да се предадете на таа љубов?
За жал, вљубувањето не е нешто што може да се додаде во роковникот и да се определи кога точно ќе се случи, а тајмингот може најмногу да нè зафркне – што во многу голем број случаи и се случува. Но, таков е животот, нели? Колку повеќе се обидуваме да го контролираме – толку повеќе тој ни бега од контрола. Постојат толку многу пеколни и грди чувства кои ги чувствуваме кога ќе ја запознаеме вистинската личност само затоа што тајмингот е целосно погрешен.
1. Чувствувате постојана нервоза и напливи на анксиозност
Ја пронајдовте таа интересна и неописливо совршена личност, но едноставно не сакате да се врзувате во моментот. Ве штипат мисли исполнети со нервоза и анксиозност – што ако никогаш повторно не запознаете таква личност?
Ова се вашите години за забава и правење грешки. Набрзо ќе немате право на грешки – ќе имате вистински живот, сериозни обврски и најверојатно нема да можете да заминете на егзотична локација заедно со вашите пријател(к)и во истиот момент кога таквата идеја ќе ви падне на памет. Сепак, најлоша е паниката која се внедрува длабоко во вас. Паника од предавањето на себеси на друга личност и паника дека можете засекогаш да ја изгубите таа личност. Овие мисли постојано ве прогонуваат и дури ни апчињата за спиење не можат да ве смират.
2. Посакувате да ја заклучите во кутија и да ја чувате следните 10 години
Знаете дека таа личност ќе биде совршен партнер за вас во моментите кога ќе сте спремни за сериозна врска. Длабоко во себе чувствувате дека таа личност ќе ви го даде животот кој го заслужувате и ќе ви обезбеди стабилна врска исполнета со многу љубов. Ех, само да можевте да ја ставите личноста во кутија и да ја чувате следните 10 години. Само да можевте да го стопирате нејзиниот живот, а вие да го проживеете вашиот за потоа да бидете спремни да се врзете.
3. Се обидувате совршената личност да ја избркате од себе
Најлесно е да раскинете со некој којшто не го сакате. Вистинската мака доаѓа кога тоа треба да го направите со личноста која знаете дека е совршена за вас. Затоа, пред да раскинете започнувате да ја бркате од себе. Ако таа личност ви раскине, тогаш тоа е надвор од ваша контрола. Слободно смеете да кренете раце и да се откажете.
Проблемот со овој метод е тоа што ако таа е вистинската личност за вас, таа ќе прогледа низ сите ваши глупости и ќе ја види вистината. Тоа е проблемот кога некој вистински ве познава – точно знае кога глумите и нема да ве пушти да продолжите со шоуто.
4. Беспотребно ја презирате таа личност и се мразите поради тоа
Во вас се вгнездува чувство на омраза и презир. Заљубени сте. Не сакате да сте заљубени и поради тоа се мразите и себеси, но и личноста која ја љубите. Го презирате фактот што вашата совршена личност е толку неверојатна, со толкаво разбирање и едноставно совршена за вас. Го презирате фактот што ви дава чувство на сигурност и што ве тера да го почувствувате летот на пеперутките во стомакот одново и одново, секој пат кога ќе ја видите. Го мразите фактот што со секоја минута помината заедно, таа личност сѐ повеќе ве открива вам и вашите тајни светови кои толку многу се обидувате да ги скриете. Го презирате фактот што ве сака знаејќи ја целата таа мрежа од тајни во кои е вплеткана вашата суштина.
Го презирате тоа што ѝ го покажавте вашето вистинско лице и ја презирате таа личност затоа што ве сака, иако ги знае и вашите најмрачни тајни кои сте ги криеле длабоко во себе со намера никој никогаш да не ги открие. И најмногу од сѐ, ја мразите таа личност бидејќи ви ја одзеде моќта и ве направи беспомошни. Затоа што конечно имате нешто вредно кое се плашите дека ќе го изгубите, а самото тоа чувство ви предизвикува страв кој не може да се контролира.