Совети за љубовните врски кои ги научивме од серијата „Очајни домаќинки“
Откако на ултрапопуларната серија „Очајни домаќинки“ ѝ дојде крајот, редно е и да се запрашаме какви сè совети за љубовните врски добивме од дамите на улицата Вистерија Лејн. Нивните животи беа полни со романтика, главоболки, непријатни ситуации и среќни моменти. Ова се дел од советите кои ги добивме во текот на серијата, а нам ни останува да одлучиме дали ќе ги применуваме.
Женските правила не важат за згодните момци
Помисливте дека треба да останете настрана од бившиот на вашата пријателка? Размислете повторно дали ова правило важи доколку станува збор за навистина згоден тип. Дамите во текот на серијата си ги менуваа момците, имаа афери со бившите сопрузи на нивните пријателки… па што? Животот продолжува! Нема правила и код за однесување кога станува збор за згодното момче од вашите соништа.
Неверството ја зацврстува врската
Не изневерувајте, туку ставете им крај на работите доколку сакате да бидете со некој друг… или не баш? Како и да е, според дамите на Вистерија Лејн, неверството не само што е прифатливо, туку ја јакне вашата врска! Само потсетете се на примерот со Габи и младиот градинар.
Уценувањето е добро
Се сеќавате на кралицата на уцените, Габриела Солис? И не само таа, и многу други ја гледаа уцената како најлесен пат да дојдат до посакуваното. Впрочем, како може љубовта да опстане ако го немате она што го сакате?
Бебињата ги спасуваат браковите
Во нормалниот свет, луѓето би рекле дека не е во ред да се користат децата со цел да ги заштитите бракот или врската од распаѓање. Но овие дами си имаат свои правила. Новите бебиња секогаш помагаат во зацврстување на односите! Како и да е, сепак е во ред родителите да се трудат да си ги зацврстат односите поради своите деца.
Прогонувањето е во ред кога станува збор за љубов
Барате совет како да ја освоите посакуваната личност? Многу е едноставно, прогонувајте го оној кој ви се допаѓа. Дури и морничавиот Зак ја демнеше Габи, и на крај успеа да ја изнесе на состанок. Демнете го пленот со цел да го освоите! Не само што ликовите од серијата често демнеа или прогонуваа некого, туку им успеваше речиси во секоја прилика.
Преправајте се дека сте глупава со цел да освоите некого
Ликот на Сузан понекогаш знае навистина да иритира. Доколку добро го анализирате овој лик од серијата, ќе сфатите дека станува збор за несигурна жена, која глуми жртва на која ѝ е потребна заштита. Како што поминуваа сезоните, Сузан ги научи младите девојки на една важна лекција: изигрувајте дека сте глупави, „шармантно“ тромави и наивни, за момците да „паѓаат“ на вас.
Љубомората е секси
Сте чуле дека треба да се чувате од љубоморни партнери, бидејќи ништо добро не може да дојде од нив? Напротив, дамите од Вистерија Лејн, имаа едно правило, ако некој те сака, во ред е неговото/нејзиното лудо љубоморно однесување и смешните и луди работи кои ги прави со цел да го привлече твоето внимание. Па така, на некој начин љубомората може да биде секси.
Неверството е релативна работа
Колку и да има доза на иронија во овие „љубовни совети“, сепак во серијата, постоеа ликови кои искрено се сакаа – љубовни примери кои се за восхит. Како и да е, одредени ситуации се косат со секаква логика, како на пример тоа дека неверството е релативна работа. Не е страшно во случај да сте премногу пијани или работата останала само на бакнеж и ништо повеќе. Па не сте направиле ништо лошо! Можеби само треба да почекате неколку недели, и работите само ќе си дојдат на свое место, особено ако се држите до ставот дека не било ваша вина и смешно е некој да ви биде лут поради тоа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.