Совети за како да се справите со лутината и фрустрацијата
Во моментите на лутина и нервоза, никој ја нема таа моќ да ви го покаже совршеното решение, да ве потапка по рамо и да направи сè да биде во ред. Никогаш нема да ги решите сите ваши проблеми и да постигнете нирвана или просветлување. Можно сценарио е луѓето да ви го кажат она што сакате да го слушнете за да ве утешат, да ја добијат вашата наклонетост или за да манипулираат со вас. Ќе сретнете и поединци кои ќе ви ја „плеснат“ вистината во лице, а тоа ќе придонесе да се чувствувате мизерно и ужасно. Многумина ќе ви го кажат тоа што веќе сте го слушнале или прочитале, ќе ви кажат дека сè се случува со причина, дека ова се лекции од кои треба да научите, дека тоа е карма… Не, вам нема да ви биде подобро после сите овие обиди за помош. Напротив, по некое време ќе се чувствувате дури и уште пофрустрирани бидејќи вам ви треба нешто конкретно, јасно и прецизно, а тоа никој не може да ви го пружи.
На периоди ќе се чувствувате удобно, но таквото чувство би требало да го активира алармот кај вас – подобро е кога чувствувате извесна вознемиреност, тоа значи дека сте свесни за вашата состојба, дека се обидувате да се поврзете со себе, да го најдете коренот на проблемот. Од друга страна, удобноста е примамлива по природа, а кога луѓето околу вас ќе ја предизвикаат таквата состојба само ве оддалечуваат од вистинското решение. Тоа се оние луѓе кои сакаат нешто од вас – било да е тоа време, енергија или одобрување.
Се чувствувате подобро кога сте лути
Иако звучи парадоксално, сепак кога сте лути станувате поодлучни, нештата ви стануваат појасни и можеби и сте поблиску до вистината. Кога навистина се лутите, тоа значи дека сте уморни од тоа постојано да ги толерирате другите. Преку глава ви е од сопствените изговори поради кои секогаш запаѓате во ситуација да чекате, одолговлекувате, па така наместо да бидете будни и да ги искористите своите шанси, вие сте препуштени на „милост и немилост“.
Не слушајте ги луѓето кои мислат дека ги знаат сите одговори
Никој не е ваш спасител освен вие самите. На крајот на краиштата, можеби и не ви е потребен спас. Она што најмногу ви треба е инспирација, нештата што ве движат и поттикнуваат на акција.
Вашиот живот е во ваши раце, а за тоа сте особено свесни кога ќе се налутите
Кога сте лути, тоа може да ви даде енергија за конечно да направите нешто, а да не тапкате постојано во место. Можеби ако чувствувате гнев, длабоко разочарување или фрустрација, тоа ќе ви послужи како поттик да го направите она што треба за да бидете исполнети и задоволни.
Спознајте се себеси
Откријте што е тоа што не ви се допаѓа кај вас самите и што е тоа што ве спречува вистински да се поврзете со себе и со другите. Што е тоа што ви оневозможува да ги гледате нештата во вистинското светло и ве одделува од реалноста на вашиот живот. Проанализирајте се самите и сè околу себе. Направете го она за што сте родени – растете, развивајте се. Променете се, бидете посвесни, поотворени, помудри отколку што сте биле вчера. Во вашите раце лежи клучот за спасот, па затоа не очекувајте дека другите ќе ве спасат. Не, тие само ќе продолжат да ги зголемуваат вашите илузии. Во вас се крие решението како да ја спознаете вистината.
Искористете ја својата болка
Токму чувствата на страв, лутина и гнев ќе ве натераат да зачекорите по патот по кој сакате да се движите. Тоа е патот на спасот – вие веќе чекорите по него, тоа е вашиот живот, почнувајќи од моментот кога ќе ја преземете сета одговорност за него.
Откако откривте како можете да се справите со лутината и фрустрациите, ви препорачуваме да прочитате и на кои начини можете да ја искористите лутината во ваша корист.