Совети кои ќе ви помогнат да продолжите понатаму после долга врска
Не е лесно да се изгуби некој кој ви бил сè. Одеднаш во ништо не можете да пронајдете значење и сè што правите ви се чини дека е бесмислено. Безброј пролеани солзи, погазена гордост, изгубено достоинство и скршено срце. Нормално е дека ни еден изговорен или пишан збор не може да ви даде утеха, но постојат некои работи кои треба да ги имате на ум за да можете да продолжите со животот по болното раскинување…
Запомнете дека сте силни
Вие сте си доволни сами на себе. Вие сте силни и паметни. Не ви треба никој друг да ви потврди колку вредите и да ве направи среќни. Супер ви одеше пред да се појави таа личност во вашиот живот и нема зошто и сега да не биде така. Посилни сте отколку што мислите и заслужувате многу подобро. Да, ова е малку мрачен период од вашиот живот, но сонцето само што не изгреало. Не заборавајте дека ни еден човек на светот не е незаменлив.
Соочете се со реалноста, тагувајте и продолжете понатаму
Можеби навистина ви одеше супер, но сега со тоа е готово. Престанете да размислувате за вашите постапки и за работите кои би ги направиле поинаку. Не се прашувајте како можел вашиот партнер да ве преболи и не се обидувајте да го вратите назад, затоа што врската никогаш повеќе нема да биде иста. Дајте си простор да тагувате некое време, но продолжете понатаму. Соочете се со тагата и разочарувањето, исплачете се и оставете ги зад себе. Ветете си дека нема да се навраќате на оваа тема додека не бидете сигурни дека навистина заздравеле вашите рани. И држете се до вашето ветување.
Бидете зафатени
Ова е вистинското време за да се посветите на вашата кариера и да започнете со нови активности кои отсекогаш сте сакале да ги направите, но сте немале време. Обновете го контактот со некои стари пријатели, вежбајте, започнете некое ново хоби. Можностите се бесконечни! Не е важно што ќе изберете, сè додека тоа ви ги окупира мислите и ве прави да бидете задоволни од вашиот живот. Секој крај е почеток, а вие само што започнавте па извлечете го најдоброто од вашето време.
Дружете се со среќни луѓе
Сигурно сте забележале дека смеата е заразна. Излезете со вашите насмеани пријатели, гледајте комедии, читајте вицови… Имате голем избор. Едноставно не престанувајте да се смеете!
Прославете го вашиот сингл статус
Да се биде сингл несомнено има свои предности. Сега можеби не можете да видите кои се тие и затоа добро е да организирате настан за позитивните страни да излезат на површина. Организирајте забава и поканете ги сите ваши пријатели. Пијте, јадете, танцувајте! Почувствувајте ја слободата! На почеток веројатно нема да ви биде до славење, но со малку поддршка од вашите пријатели веднаш ќе се почувствувате подобро и забавата ќе може да започне.
Уживајте во животот
Секое утро додека го пиете вашето кафе, мислете на она што со нетрпение очекувате да го направите дента. Ако ништо не ви паѓа на памет, сменети ги плановите. Не мора да е нешто којзнае што, доволно е да биде нешто што ќе извлече насмевка на вашето лице. Тоа може да е средба со пријател, читање книга, гледање серија… Изборот останува на вас. Не заборавајте дека среќата се крие во малите нешта.
И покрај тоа што се чувствувате како сите бродови да ви потонале, запомнете дека животот не застанува тука. Работите нема да стојат во место чекајќи на вас и времето нема да престане да тече. А времето што го имате е бесценето! Не дозволувајте периодот на тагување да трае предолго. Времето надвор е прекрасно, мрднете од креветот, облечете го најубавото парче облека што го имате, украсете го лицето со насмевка и започнете ја вашата нова животна авантура!