Сосема е во ред ако 20-тите години не ви изгледаат онака како што сте си ги замислувале

Сосема е во ред ако 20-тите години не ви изгледаат онака како што сте си ги замислувале

Кога бевме млади, сите ние размислувавме на нашите 20-години како далечни и стари. И сигурни сме дека исто како нас, така и вие верувавте дека тогаш сè ќе ви биде одлично и ќе живеете спектакуларен живот! Планот беше да завршите факултет, да ја најдете работата од соништата и да имате свој стан. Можеби дури и да се заљубите и да почнете заеднички живот со вашата сродна душа.

Сосема е во ред ако 20-тите години не ви изгледаат онака како што сте си ги замислувале

За жал, животот по дипломирањето не изгледа како оној што го гледаме на големите платна и малите екрани – амбициозни млади професионалци наоѓаат работа во моќни корпорации, живеат во голем апартман во центарот на градот, имаат згоден вереник или прекрасна вереница, исто толку успешни како нив, и имаат доволно пари за да си дозволат убава облека и скапо дружење со пријателите. Реалноста е далеку од оваа визија.

Тоа што медиумите не ви кажуваат е дека е скоро невозможно да се стигне до оваа ситуација за толку краток временски период. За сè е потребно време, па дури и со беспрекорна организација на денот, сепак имаме само 24 часа на располагање (од кои барем 6 мора да ги поминете во континуиран сон – 8 ако сакате да бидете најздрави!). Иако да, 20-тите навистина значат независност и слобода, сепак во денешниот свет е потребно многу повеќе време за успех.

Тоа е и причината поради која мора да застанете малку и да размислите за сите оние нешта што веќе сте успеале да ги постигнете. Ако првото нешто што сега ви падна на памет беше: „Па, ништо немам постигнато!“, размислете повторно, овој пат почнувајќи од малите нешта, како на пример, „Утрово сам/а си подготвив појадок.“ Продолжете со вакви ситници, за да го навикнете мозокот да ви размислува во таа насока и пота преминете кон поголемите постигнувања.

Додека се обидувате да ја направите листата од вашите постигнувања, имајте на ум дека успехот се мери со начинот на кој сте ги постигнале нештата што сте ги сакале во животот, а не кога сте ги добиле. Многу е важно да знаете дека вашето патување ретко кога ќе излегува според планот и дека мора постојано да се адаптирате на новите пречки што ќе ве забавуваат по пат. И мора да ги славите оние нешта што сте ги постигнале, за да не заборавате да се движите напред.

Ова е тешко кога сте убедени дека не го живеете животот што би можеле, особено ако сметате дека сте правеле грешки или дека би постигнале сè ако сте добиле поинакви шанси. На овој начин создавате негативен хаос во вашата глава и се спречувате да го видите потенцијалот кој сè уште постои пред вас. Иако на 10-годишна возраст ви звучело како 20-годишните да се премногу стари, сепак вашиот живот сега само што почнува!

Не дозволувајте никому (вклучувајќи се и себеси) да направи да се чувствувате лошо за тоа каде се наоѓате сега и колку сте постигнале (или не сте постигнале) досега. Сè додека работите на себе и се стремите да ги остварувате нештата што ги сакате вие се движите во правилната насока и нема потреба да се грижите. Само продолжете така и брзо ќе сфатите дека во вашиот живот сте направиле многу нешта на кои можете да се гордеете!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар