Сок од ментa: Рецепт кој ги освежува телото и здивот
Во топлите денови најдобро е да се пие вода, а веднаш потоа следуваат разладените билни чаеви и пијалаци од природни сокови и сирупи. На многу едноставен начин самите можете да направите сируп од мента кој се пие разреден и разладен, а таков ефект ќе има и врз вашиот организам. Нането го освежува здивот и го смирува желудникот.
Потребни состојки за 1 литар сируп:
- 10 гранчиња мента (нане)
- 1 литар вода
- 1 килограм шеќер
- половина лимон
- две лажички лимонска киселина
Начин на подготовка:
Исечкајте го лимонот на парчиња сосе кората и заедно со лимонската киселина додадете го во водата. Потоа потопете ги гранчињата нане во водата. Добро измешајте и оставете да отстои на ладно и темно место 24 часа. Наредниот ден, исцедете ја течноста, па додајте го шеќерот и добро промешајте. Оставете ја течноста да стои уште 24 часа и повремено промешувајте ја.
По 48 часа сирупот ќе биде подготвен за претурање и складирање во стаклени шишиња. Ако сте направиле помала количина од сирупот најдобро е да го чувате во фрижидер, но ако имате направено поголема количина, чувајте го на ладно и темно место.