Социјална анксиозност: Дали премногу се грижите за тоа што другите мислат за вас?

Социјална анксиозност: Дали премногу се грижите за тоа што другите мислат за вас?

Социјалната анксиозност, која се нарекува и социјална фобија, е психолошко нарушување кое прави личноста да чувствува нерационален страв од разни ситуации кои вклучуваат контакт со други луѓе. Личноста која има ваков проблем се плаши дека ќе биде набљудувана од другите, ќе биде осудена за својата појава и дела, или дека ќе биде критикувана од која било причина. Оној кој има проблем со социјална анксиозност честопати не знае дека има проблем, туку својот начин на размислување го смета за нормален. Смета дека е нормално толку многу да се грижи за она што другите мислат за него/неа, додека тоа му/ѝ го разјадува социјалниот живот.

Социјална анксиозност: Дали премногу се грижите за тоа што другите мислат за вас?

Најлесно ќе препознаете дали припаѓате на оваа група доколку кај вас сте забележале некој од овие симптоми:
  • Се чувствувате непријатно кога сте во центарот на вниманието;
  • Не сакате да зборувате јавно пред многу луѓе;
  • Се чувствувате непријатно кога треба да се претставите пред непознат или кога некој друг ве претставува;
  • Се плашите да ја изразите љубовта на личност од спротивниот пол;
  • Избегнувате да одите на забави или други настани на кои има многу луѓе;
  • Не се чувствувате удобно кога сте на забави или други настани каде што има многу луѓе и поради тоа честопати се обидувате да избегате на кратко од гужвата;
  • Се плашите за тоа што другите ќе помислат ако направите нешто што сакате да го направите. Тоа треба да е нешто дозволено, но вие се плашите дека погрешно ќе ве разберат;
  • Сметате дека треба бидете совршени за да им се допаѓате на одредени луѓе;
  • Важно ви е сите да ве сакаат;
  • Се плашите да правите грешки за другите да немаат лошо мислење за вас;
  • Избегнувате да споделувате информации од вашиот личен живот со други луѓе плашејќи се од нивна осуда;
  • Избегнувате дружења затоа што се плашите дека ќе ви се случи нешто непријатно и другите ќе ве исмеваат заради тоа;
  • Се плашите јасно и гласно да го кажете својот став за да не згрешите и другите да не помислат дека сте неинтелигентни;
  • Сметате дека никому не му е гајле што мислите;
  • Во сите ситуации се вцрвенувате, се потите и срцето побрзо ви бие.

Сигурно веќе ви е јасно за што зборуваме и можете сами да ја продолжите оваа бескрајна листа на ирационални ставови и однесувања кои се последица на социјалната фобија и кои го парализираат и уништуваат вашиот социјален живот. За жал, живееме во култура во која уште од мали нè учат дека треба да се грижиме за тоа што другите мислат за нас. Имаме едно однесување за дома, а друго за пред други и тоа порано или подоцна нè осакатува емоционално и социјално. Како што веќе пишувавме, две од трите најлоши работи на кои нè научија уште како деца се потребата да бидеме перфектни и да бараме одобрување од другите. Кај некои од нас, кога ќе се соберат овие две работи се добива социјална анксиозност.

Социјална анксиозност: Дали премногу се грижите за тоа што другите мислат за вас?

Како да се справите со социјалната анксиозност?

Социјалната анксиозност е последица на модел на однесување кој се учи и од кој можете да се одучите. Ако сакате да си помогнете себеси или на некоја вам блиска личност која се бори со овој проблем, применете ги следните совети.

1. Набљудувајте ја вашата социјална анксиозност

Опсервирајте ги ситуациите во кои чувствувате страв и непријатност. Тие можат да ви дадат одговори за коренот на проблемот или барем што е тоа што најмногу ве мачи. Најдобро ќе биде да ги запишувате ситуациите во кои тоа ви се случува. Направете една табела со три колони, и во едната запишете кога сте се чувствувале непријатно, во втората опишете ја ситуацијата, а во третата симптомите на социјалната анксиозност. На пример, на 14 март сте разговарале со некого што неодамна сте го/ја запознале и додека сте разговарале сте чувствувале страв за тоа како изгледате и дали сте добро облечени поради што бргу сте нашле изговор за напуштање на разговорот.

2. Обидете се да размислувате реалистично

Ако очекувате да настапи некоја лоша последица по вас и вашиот углед поради тоа какви сте или она што го правите, размислете уште еднаш за тоа колку добро можете да ја предвидите иднината. Прашајте се дали сте сосема сигурни дека некој може да помисли дека сте глупави или несредени и дали порано ви се случувале истите работи без никакви последици. Размислете и дали вашата иднина зависи од тоа што другите ќе помислат за вас. На пример:

Зошто се плашам да одам на забавата? Ќе треснам нешто и другите ќе ме гледаат чудно.

Можам ли да бидам сигурен/на дека ќе треснам некоја глупост? Не, не 100%.

Колку пати сум кажал/а нешто глупаво на забавите? Можеби еднаш или два пати, ама тоа е многу ретко.

Што е она што го поддржува мојот страв? Кажав виц, ама никој не се смееше. Друг пат прашав нешто, а сите се смееја затоа што сум морал/а да го знам тоа.

Што е она што не го поддржува мојот страв? Сум бил/а на многу забави и знам добро да разговарам. Понекогаш има луѓе кои покажуваат дека се воодушевени што ме гледаат и иницираат разговори со мене затоа што им се допаѓам.

Дали целата иднина ми зависи од тоа? Не. Во моментот е незгодно, ама сега не чувствувам никакви последици од тоа.

Што е најлошото што може да се случи? Сите ќе ми се смеат и потоа ќе заборават на случката.

Можам ли да се извлечам од тоа? Ќе направам шега на моја сметка.

Дали можам да ги гледам работите од друг агол? Да, секој кажува некоја глупост одвреме-навреме, па ни јас ниту другите не ги сметаме тие луѓе за глупави.

Социјална анксиозност: Дали премногу се грижите за тоа што другите мислат за вас?

3. Соочете се со стравовите и тестирајте

Малку по малку, намерно изложувајте се на ситуации кои за вас се социјално непријатни, намерно правете ги работите поради кои сметате дека треба да се срамите и согледувајте ги последиците од тоа. Нормално е да сакате да ги избегнете овие ситуации, но соочувањето со нив е патот до разбирањето на нивната ирационалност. Натерајте се да останете подолго време во групата пред да се одвоите или да си одите дома, поздравете се со сите посебно, итн.

4. Консултирајте книги за самопомош

Книгите за самопомош можат да ви дадат многу важни совети за борбата со социјалната анксиозност. Факт е дека помеѓу книгите за самопомош има многу кои не се со највисок квалитет, но може да најдете и некоја која ќе ви помогне.

5. Консултирајте се со психолог

Не е лесно сами да го решите овој проблем. Консултациите со психолог веќе не се табу. Социјалната анксиозност е психолошко нарушување, така што разговор со психолог може многу да ви помогне да си го поставите животот на правиот пат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар