Со несебичното давање на другите, вие всушност се грижите за себе
Филантропијата во својата основа значи љубов кон човештвото. Сите вие можете да бидете филантропи со тоа што ќе го подарувате вашето време и внимание на некој за кој се грижите. Со тоа што ќе се одлучите несебично да подарувате, ќе успеете да пронајдете љубов, среќа и вистинско задоволство. Погледнете кои работи ќе ги добиете доколку го отворите своето срце кон другите.
1. Ќе запознаете многу интересни личности кои во спротивно не би ги сретнале
Кога отворате една врата, таа може да ве води кон многу други. Така, вашиот круг на пријатели постепено ќе се зголемува, притоа збогатувајќи ве со повеќе можности и искуства.
2. Ќе се забавувате
Една од најголемите предности кои ви ги нуди несебичното дарување на другите е споделените среќа, пријателство и искуство. Многу личности кои го практикуваат ова се најисполнети и најмалку се соочуваат со гневот.
3. Ќе ви помогне да ги заборавите болните искуства
Со тоа што ќе им помагате на другите вие ќе бидете фокусирани на подобрите аспекти од вашиот живот, при што ќе заборавите на болните минати искуства. На пример, во една студија која вклучувала алкохоличари кои биле во фаза на лекување, оние кои им помагале имале речиси два пати поголема веројатност да останат трезни една година подоцна, а исто така се намалило и нивото на депресија. Помагањето на другите, пред сѐ, најмногу ви помага вам!
4. Ќе бидете исполнети
На една личност ѝ е потребно надминување на самата себеси, односно остварувања надвор од оние сопствените. Она што можете да го направите е да им помагате на другите, па со текот на времето ќе почувствувате колку подобра личност станувате.
5. Ќе пронајдете среќа
Многу често среќата можете да ја пронајдете кога ќе почувствувате дека сте им корисни на другите луѓе. Ова го потврдуваат и бројни научни студии. На пример, во едно направено истражување во 2009 година, германскиот психолог Малте Клар и американскиот професор Тим Касер, заклучуваат дека активизмот, односно посветеноста на социјалната средина, обезбедува голем дел од човековата среќа, како што е чувство дека личноста е корисна, дека може да го промени светот и дека може да биде дел од нешто поголемо, надвор од индивидуалните проблеми.
Многу полесно е да го подарите вашето време и внимание на другите, отколку што замислувате. Тоа нема да ве чини пари, ниту пак ќе ви одзема многу време, а со сигурност ќе го направи вашиот живот поинтересен. Кога ќе ви се отворат различни врати, вие ќе се чувствувате многу поспособни и ќе можете да правите неверојатни работи за кои до тогаш сте мислеле дека не можат да се остварат. Па, зошто да не си дадете зелено светло? Немате што да изгубите!