Со кој јазик на љубовта зборувате?
Кога паровите се жалат еден од друг, често ја користат фразата: „Како да не го зборуваме истиот јазик.“ Многу често, причината што лежи позади недоразбирањата, е фактот што се трудиме да му го дадеме на нашиот партнер тоа што ние го сакаме, а не тоа што тој или таа го сакаат.
Бидејќи веруваме дека разбирањето е клучот за успешна врска, побаравме мислење од неколку експерти на оваа тема. Љубовниот советник, Гери Чепмен, објаснува дека постојат различни начини на кои може да се „зборува“ љубовта, како и дека нашето разбирање на јазикот на партнерот, може да нè направи многу среќни. Па, со кој јазик на љубовта вие зборувате?
Зборови на афирмација
Зборовите се почетокот на сè. Зборовите може да нè инспирираат или да нè расплачат. Доколку тие се начинот на којшто ја искажувате љубовта, тогаш се од витално значење за вас. И тука не станува збор само за комплименти или празни фрази. Она што всушност ви треба е вербална комуникација со најблиските, најотворено да зборувате за своите стравови и надежи. Доколку ова е јазикот на којшто и вашиот партнер ја искажува љубовта, тогаш ќе можете меѓусебно да се разберете само со зборови на благодарност и поддршка. Може да биде малку необично на почетокот на врската, но набрзо ќе можете да ги откриете дури и најситните промени во расположението, само преку зборовите што тој или таа ги користат, и тогаш ќе знаете соодветно да одговорите. А кога ги гледате вашите сакани насмеани, знаете дека сте биле добра потпора за нив.
Квалитетно време
Ако едноставно физичкото присуство на саканите ви предизвикуваат радост, тогаш јазикот на којшто вие ја искажувате љубовта е квалитетното време поминато заедно. И навистина е неважно дали сте дома и јадете сладолед или сте на отворање на нова галерија. „Ние сме заедно“ е мотото на вашето срце. Дури и кога знаете дека најблиските не можат да одвојат толку време за да бидат со вас, доволна ви е само една мала средба од неколку минути или телефонски разговор, со цел да се почувствувате навистина сакани. Доколку и јазикот на вашиот партнер е квалитетно време, ставете ги на страна сите други обврски и одвојте време да му/ѝ се јавите. И додека зборувате, обидете се да слушате повеќе. Однесете го вашиот партнер во кино. Верувајте ни – ова ќе го/ја усреќи повеќе од подарок.
Подароци
Не го бунете ова со алчност. Во најголем дел од случаите, самиот подарок не е воопшто важен за личноста која го зборува овој јазик на љубовта. Она за што тие се заинтересирани е искрената желба да даваат и примаат. Доколку наместо вообичаените јајца на око, наутро исечкате срце во јајцето, знајте дека тоа е подарок, а не нешто будалесто. Ако им подарите диво цвеќе додека се шетате, и тоа ќе го сметаат за подарок. Личноста којашто ужива да го прави ова, некаде во своето срце има голема желба да се грижи и да ги усреќува своите најсакани. Доколку ова е јазикот на вашите сакани, посветете им малку повеќе внимание на слатките мали нешта кои ќе ги потсетуваат на вас. Подарете им нешто што рачно сте го изработиле. Дури и разгледница може да заврши работа.
Дела
Овој јазик на љубовта најчесто е користен од родителите за комуникација со нивните деца. Готвење вечера, средување на облеката, помагање со домашната работа. Родителите најчесто го поминуваат целиот ден со домашни обврски, но дали семејството навистина има потреба од ова? Доколку вашите најблиски се грижат за целокупното ваше опкружување како начин на кој ја покажуваат љубовта, мора да се потрудите да им вратите во иста мера. На пример, почнете повеќе да помагате со домашните обврски. Ова ќе го ценат повеќе од скап подарок за роденден.
Физички контакт
Сите имаат сопствено мислење за допирање. Некои луѓе сакаат да се држат за рака, да се прегрнуваат, бакнуваат, да ја допираат косата на партнерот, а за други бакнеж во чело е врвот на физичкиот контакт кој го практикуваат. Често можете да слушнете од брачните двојки како еден од нив обожава да готви, додека на другиот доволно му е да гледа филм во прегратката на саканиот или саканата. Доколку физичкиот контакт е јазикот што го зборува вашиот партнер за да ја искаже љубовта, обрнете внимание кон нивните допири и вратете им соодветно. Бакнувајте ги и прегрнувајте ги почесто. Дури и најнежниот допир е манифестација на нивната љубов и нивната желба за вашата љубов, правејќи ја таа личност неверојатно среќна.