Слатки Дедо Мразовци на вашата трпеза
Овој период од годината на сите ни отвора апетит, а кога веќе сме спремни за некое килце плус, може да бидеме и малку креативни. Мора да признаете, овие колачиња изгледаат прекрасно, а и ќе ја надополнат празничната атмосфера во вашиот дом.Потребни состојки:
- 18 колачиња „Орео“
- 2 ½ супени лажици путер, стопен
- 450-500 грама крем сирење
- 80 грама шеќер (6 ½ супени лажици)
- 2 јајца
- ½ лажичка екстракт од ванила
- 100 грама бело чоколадо
- 200 грама слатка павлака (хопла)
- 25 парчиња јаготки
- 2 супени лажици шеќер во прав
Начин на подготовка:
За овој рецепт користете сад со средна големина (најдобро би било 20-20 цм) којшто ќе го прекриете со две парчиња алуминиумска фолија, едното парче поставете го хоризонтално на дното, а другото вертикално по ѕидовите над првото. Внимавајте парчињата да се доволно долги за да ги прекријат рабовите на садот. Премачкајте ја фолијата со ½ супена лажица од стопениот путер. Во друг подлабок сад добро издробете ги орео колачињата и измешајте ги со остатокот од стопениот путер, при што смесата не треба да биде премногу сува. Така добиената смеса ставете ја врз фолијата во садот за печење, добро притиснете ја и израмнете ја до рабовите (за оваа цел можете да употребите долен дел од чаша или нешто слично). Рерната загрејте ја на 180 степени.
Во висок сад ставете ги крем сирењето и шеќерот и изматете ги добро со миксер, па додадете ги јајцата и екстрактот од ванила и повторно изматете со миксер сè додека не се добие хомогена смеса. Белото чоколадо растопете го исто така во посебен сад и додека се топи додадете и 80 грама хопла. Откако целосно ќе се растопи, додадете го во смесата со крем сирењето и матете на средна брзина за добро да се соедини. Сето ова се истура над смесата од орео колачињата и путерот и се пече 40 минути.
Кога ќе завршите со печење исклучете ја рерната и оставете го садот внатре уште некои 10-тина минути. Садот се вади на собна температура, се чува некои 30 минути, а потоа се покрива со фолија и се чува во замрзнувач 3 часа (или 6 часа во обичен фрижидер). Откако смесата е добро изладена се вади од фрижидер и со помош на фолијата треба да се извади од садот и да се префрли на рамна површина. Ја сечеме на коцки кои треба да бидат малку поголеми од јаготките за полесно декорирање. Остатокот од хоплата, односно 120 грама, се става во миксер и се мати додека добро не се згусне, а подоцна се додава шеќерот во прав и повторно матиме. Вака приготвениот шлаг ќе ни служи за декорација со помош на готварски шприц. Јаготките се сечат од едната страна, се ставаат над коцките и на крај декорираме како на сликите. И вашите Дедо Мразовци се готови!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.