Синдромот Петар Пан
Сликите и спомените се добра работа. Како времеплов кој те носи таму каде што сакаш да бидеш. Јас лично, обожувам да ги гледам снимките од мојот втор и трет роденден. Пеам, играм, филозофирам (само што големите образи не ми дозволуваат да зборувам јасно и разбирливо), и приредувам вистинско шоу за присутните, на кои им доаѓа да скокнат низ прозор. Ама ако, дете сум била, што има да се срамам кога сум имала 3 години?
Можеби таа детска смелост и бестрашност не смееме да дозволиме да нè напушти, ама нè напушта. Кога-тогаш стануваш многу свесен за своите постапки. Почнуваш да се срамиш, да ги покажуваш твоите „таленти“ со резерва, и полека те напушта детскиот сон дека кога ќе пораснеш ќе бидеш позната балерина. Па престануваш да скокаш од кауч и да си замислуваш дека навистина си балерина. Или престануваш со твојата тактика на вриштење и тркалање по земја бидејќи не ти купуваат нешто, па учиш за она што го сакаш да се бориш со зборови, на цивилизиран начин. Кај женските најчесто тоа се случува околу 5-годишна возраст. Кај машките – поретко.Во просек девојчињата побрзо почнуваат да зборуваат за разлика од машките и побрзо заодуваат. Потоа, уште во основно покажуваат разбирање за чувства и вљубеност. Доколку кај машките се јави чувство на симпатија кон некое девојче, најчесто се шегуваат со неа, ја нарекуваат со навредливи зборови, ја туркаат, со еден збор не знаат како да се однесуваат со девојчето, бидејќи и самите не разбираат како се чувствуваат и што им се случува. И ќе си речеш OK, имаат 8 години. Ама не е OK ако имаат 20.
На 20 години не знаат како да ѝ пријдат на девојка, не можат да си ги објаснат своите чувства, а уште помалку да разберат нечии други, со еден збор одбиваат да созреат, а јас тоа накратко го викам Петар Пан синдром. Само што овие нашиве не носат зелени хеланки. На речиси 30 години тој брка 16 годишни од проста причина што не знае да направи муабет со зрела девојка.
Едно е да те држи детскиот жар и елан за живот, друго е да одбиваш да пораснеш. На 25 години излегува со женска, а се однесува како да излегол со мајка му за да му купи сладолед и автомобилче. Постои бонтон како треба да се однесуваш со девојка и начини на изразување кои му доликуваат на возрасен човек. Би требало, барем на таа возраст, ако ништо друго, да знаеш да покажеш чувства. Би требало веќе да почнеш да заработуваш сам и сам да се грижиш за себе, бидејќи НЕМАШ ВЕЌЕ 3 ГОДИНИ.
Ама што очекуваме, кога најголем број од нив до 30 години си живеат со мама и тато, мама ги пере и пегла, мама им ја мести масата (инаку нема да се снајдат сами и нема да јадат), мама ги потсетува дека треба да влезат и да се истушираат, и секако, мама им менува постелнина и им го мести креветот. И после очекуваш истиот тој, кога ќе излезе со тебе, дека ќе те гледа како возрасна девојка или дека ќе се однесува како возрасен маж… да, секако. Мала е веројатноста дека ќе созрее дури и кога ќе се ожени, дека ќе се осамостои и ќе те гледа како негова жена, а не мама која треба да му оди по газот.
Кога си тинејџерка, можеби ќе „паднеш“ на слатки зборови, и нема толку да ти смета фактот што не е созреана личност туку дека е уште момче. Ама кога ќе ја надминеш 20-тата, бараш созреан маж, кој ќе те сака, почитува, ќе ги разбира твоите чувства, ќе биде самостоен и едноставно ќе има манири кои му доликуваат на маж и ќе ти биде мило кога ќе го пронајдеш бидејќи прави да се чувствуваш како жена.
Нам нервите ни се мили и не служиме како терапија за лечење на некаков синдром. Созрејте, не се лигавете, бидете мажи како што ви доликува. Со тек на време ќе сфатите дека девојките ги менуваат своите критериуми, па по одреден период нема да ѝ бидете интересен само бидејќи имате нови Адидаски кои мама ви ги купила. Ќе ве почитува бидејќи имате најобични патики кои сами сте ги купиле.
Возрасни дами и господа, ве поздравувам до следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Сите колумнисти станаа..
Многу убава статија. Се согласувам со секој збор од напишаното, браво Ели! Се надевам дека статијава барем малку ќе им биде од помош на машките кои што се однесуваат вака, а ги има многу
Нам нервите ни се мили и не служиме како терапија за лечење на некаков синдром. Созрејте, не се лигавете, бидете мажи како што ви доликува. Со тек на време ќе сфатите дека девојките ги менуваат своите критериуми, па по одреден период нема да ѝ бидете интересен само бидејќи имате нови Адидаски кои мама ви ги купила. Ќе ве почитува бидејќи имате најобични патики кои сами сте ги купиле.
Ели, се приметува дека инспирација си добила од постојаното секојдневно одбивање од мажите. Мора да имаш малку другарки штом вака се однесуваш. Очигледно си немала каде да ги искажеш своите „чувства“ па си напишала статија. Си немала „гз“ во лице да му ги кажеш овие работи на твојот „Петар Пан“.
Комплексите на друго место да ги лекуваш
Кисче
– „Потоа, уште во основно покажуваат разбирање за чувства и вљубеност“.
– Хормоналните пореметувања кои се појавуваат кај девојчињата (читај ран пубертет) немаат никаква врска со нивната способност да ги искажат своите чувства. Впрочем, ако тие се току добри во искажувањето на своите чувства, зошто тогаш не му кажат на момчето кое им се допаѓа? И од кога тоа начинот на кој девојчињата ги искажуваат своите чувства станал репер за тоа како треба да искажеш чувство.
-„На 20 години не знаат како да ѝ пријдат на девојка, не можат да си ги објаснат своите чувства, а уште помалку да разберат нечии други, со еден збор одбиваат да созреат, а јас тоа накратко го викам Петар Пан синдром.“
– Неспособноста на повеќето девојки да си најдат занимација / хоби кое нема да вклучува други луѓе и неспособноста да бида сами со себе и да бидат уживаат во тоа, ги оневозможува да сфатат дека такво нешто може да постои и дека повекјето момчиња го прават баш тоа. Кога би можеле на едно година дена да живеат без да прават муабет за тоа кој(а) што направил(а), како направил(а), со кого и каде бил(а), ќе сфатат дека може да се прават мноооогу други работи. Како резутат на тоа, тие(момчињата) не одвојуват ни приближно толку време во усовршување на своите „пушти и се на женска“ вештини, па затоа изгледаат така трапаво и приглупо. Кога сме веќе кај ова, бидеејќи вие (девојчињата) разбирате што и како се случува и што и како треба да се прави, дај помогнете ни. Бидете вие тие што ќе ни пријдат, не чекајте ние да ви пријдеме.
-„Би требало веќе да почнеш да заработуваш сам и сам да се грижиш за себе, бидејќи НЕМАШ ВЕЌЕ 3 ГОДИНИ.“
– Се слагам. Доста веќе живеете на грб на вашите дечковци и родители.
-„Ама што очекуваме, кога најголем број од нив до 30 години си живеат со мама и тато…“
– Секако дека девојките на таа возраст се веќе одамна одвоени од своите родители и живеат сами =).
-„Нам нервите ни се мили и не служиме како терапија за лечење на некаков синдром. Созрејте, не се лигавете, бидете мажи како што ви доликува. Со тек на време ќе сфатите дека девојките ги менуваат своите критериуми, па по одреден период нема да ѝ бидете интересен само бидејќи имате нови Адидаски кои мама ви ги купила. Ќе ве почитува бидејќи имате најобични патики кои сами сте ги купиле.“
– Тоа е и еден од главните проблеми. Го менувате критериумот и тоа многу почесто отколку што мислите. Денеска саката да е доминантен и цврст, а веќе утре сакате да биде нежен и мил. Па наредниот ден да виде весел како дете и разигран, а потоа да ви помага по дома вие како што ќе сакате. Не сме деца и поред тоа што може да се однесуваме како нив. не не третирајте како такви и ќе видите каков маж може да имате поред себе.
И за крај (да не остане лоша крв) овој проблем е на глобално ниво. Навистина ми е жал ако си имала толку многу средби со таков тип на дечки. За жал јас пак сум имал огромен број средби со шмизли и спонзоруши,така да не дека ова е проблем на само момчињата, дури се пашам дека е се почест кај девојките.
Биди ми поздравена и се пишуваме пак некој друг пат