Што треба да направите во 30-тите за да бидете среќни во 50-тите години од животот?
Што треба да направиме во 30-тите години, за да бидеме задоволни и среќни со својот живот во 50-тите, па и подоцна? Ова е прашање на кое одговор дале над 1.500 возрасни личности кои учествувале во истражување посветено на мудростите и лекциите кои можат да се научат од луѓето кои ги поминале речиси сите фази од патувањето, наречено живот. Истражувањето опфатило луѓе кои се чувствуваат задоволни и среќни во своите 90-ти, до оние чијшто живот не испаднал онаков каков што го планирале и посакувале. Сите, без двоумење ги споделиле своите искуства, а од сите работи може да се издвојат три заеднички, суштински нешта. Овие совети можат да им бидат од корист на младите во своите 20-ти, па и на повозрасните, кои сè уште го бараат својот пат.
1. Изберете работа и професија во која ќе уживате
„Најдете си работа којашто ќе ја сакате“ е советот, кој речиси без исклучок го дале сите испитаници. Нивното објаснување е дека подобро е дома да донесете помалку пари, но да уживате во секојдневните обврски, отколку да имате професија која ви носи голема заработка, но не уживате на своето работно место и живеете за моментот да дојде петок попладне. Вили Бредфилд има 83 години. Тој е поранешен тренер во средно училиште и сè уште е здрав и витален човек. Еве што вели тој во врска со ова прашање:
„Едноставно си ја сакав мојата работа. И сметам дека тоа е најважната работа за којашто можам да ги посоветувам младите луѓе: Работете нешто што вистински го сакате, за што сте способни и ве прави комплетно среќни. Затоа што мислам дека борбата да се заработат многу пари не треба да ви биде приоритет број 1. Треба да сте вљубени во работата која секој ден ви дава сила да одите напред.“
2. Кажете „Да“
Сите ние имаме искуство со соработници и колеги кои својата работа ја дефинираат во најтесните можни рамки и нивното мото е „Мисли на мали нешта“. Заглавени во нивните мали канцеларии и ограничени од ѕидовите во големите корпорации, тие се определуваат да останат во нивните мали удобни зони. Ваквиот пристап кон нештата е голема грешка. На работа треба да сте подготвени во секој миг да преземете нови предизвици, и да велите „Да“ колку што е можно почесто. Најголемиот дел од испитаниците во истражувањето рекле дека најмногу жалат поради грешки при изборот на работата и за времињата кога на врата им тропнала нова можност за напредување, а тие не ѝ отвориле.
Џо Шлутер кој има 79 години, ја раскажал својата приказна. За време на најтешките денови, неговото семејство било многу сиромашно. Неговиот татко работел во столарска работилница и никогаш не завршил средно образование. Но, Џо, поучен од страдањата на неговиот татко, учел и работел на себе, поради што станал успешен инженер и си создал свој бизнис.
„Лекцијата што ја научив е дека се исплатува да кажеш ‘Да’, дури и тогаш кога имаш цврста причина да кажеш ‘Не’. Јас, во мојот работен век, ниту еднаш не сум кажал ‘Не’. Не беше секогаш лесно, но патот ме водеше кон интересни нешта. Ако сте и вие еден од оние луѓе кои велат ‘Не, не можам’ или ‘Не сакам да го правам тоа’, пропуштате многу од тоа што ви го нуди животот. Животот е авантура, но за да ги искористите предностите од таа авантура, треба да знаете да кажете ‘Да’.“
Испитаниците во истражувањата кои се изјасниле дека се среќни со постигнувањата во својот живот, секогаш посочувале на одлуките кои ги направиле во својата младост. Сите биле во искушение да одбиваат одредени животни прилики, но сепак ја напуштале удобната зона, ризикувале и сега со гордост велат дека тоа им се исплатело.
Еленор, која има 89 години, во ова кратко видео дава одлична дефиниција за ова прашање.
3. Емоционалната интелигенција ги победува сите останати
Сигурно не постои човек кој не би сакал да се чувствува убаво кога ќе дојде во зрелата фаза од својот живот. Но, она што исто така е многу важно за квалитетен живот е и да ги развиете социјалните вештини во вашата младост. Учесниците во истражувањето се од различни професии и работеле во различни компании. Тие во текот на својот работен век виделе многу успешни приказни на свои колеги, но и на луѓе кои едноставно завршиле без никаков успех. Тука се наметнува прашањето зошто има толку различни завршетоци? Возрасните луѓе сметаат дека тоа е така без оглед на тоа колку е некој талентиран, без оглед на неговата интелигенција, тој мора да поседува социјални вештини и да остварува добра комуникација со околината, за да успее. Многумина од испитаниците станале свесни за значењето на меѓучовечките односи и сочувствувањето со туѓата среќа или несреќа за време на Втората светска војна. Еден од нив е и Лери Тајс, кој има 93 години.
„Кога отидов да служам во војската, бев младо момче од мало гратче во државата Вермонт. Моето семејство беше добро ситуирано и познато низ градот, кое имаше почит од околината. Кога дојдов во морнарицата никого не познавав. Но, тука научив како треба да се однесувам кон луѓето. Тоа беше мојата животна лекција, којашто ми помогна подоцна да се справам со сите нешта во животот.“