Што се случува со вашиот организам доколку секојдневно консумирате чоколадо?
Ако сте љубители на чоколадо (а кој не е), веројатно ви делува збунувачки што понекогаш се препорачува како дел од исхраната, а понекогаш нутриционистите ни велат дека воопшто не треба да го консумираме. И тогаш која е вистината? Во продолжение прочитајте ги резултатите од најновите истражувања во поглед на тоа како секојдневното консумирање чоколадо делува врз нашиот организам.
Може да го подобри здравјето на срцето
Темното и млечното чоколадо содржат флавоноиди односно антиоксиданси кои имаат различни здравствени придобивки. Во случај на редовно консумирање, нивото на масти и крвниот притисок во организмот се стабилизираат, но истражувањата покажале дека тоа се однесува само на темното чоколадо со бадеми.
Може да ги намали менструалните грчеви
Чоколадото содржи магнезиум, кај темното се содржи малку повеќе во однос на млечното, но и во двата случаи тоа е супстанца која помага за опуштање на мускулите. Поради ова, консумирањето умерено количество темно или млечно чоколадо би можело да ги намали менструалните грчеви, а има и такви научници кои мислат дека токму поради тоа жените јадат чоколадо за време на менструалниот циклус.
Може да го зголеми нивото на железо
Недостатокот на железо во телото може да доведе до замор, слабост и чувствителни нокти, а неговото ниво, пак, може да се зголеми со консумирање чоколадо. Темното чоколадо содржи повеќе железо за разлика од млечното, а за подобра апсорпција на железото, научниците препорачуваат да консумирате бобинки или друга храна богата со витамин Ц заедно со чоколадо.
Може да ги подобри когнитивните функции
Една студија од 2019 година покажала дека секојдневното консумирање на темно чоколадо може да ги подобри когнитивните функции, за кои се верува дека се должи на присуството на теоброминот и кофеинот. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврди ова.
Може да го зголеми ризикот од висок холестерол
Покрај придобивките, постои и еден потенцијален штетен ефект од редовното консумирање чоколадо, особено белото и млечното чоколадо. Тие се богати со заситени масни киселини и додадени шеќери кои можат да доведат до зголемен холестерол и да го зголемат ризикот од кардиоваскуларни болести.
Откако прочитавте како секојдневното консумирање чоколадо влијае врз организмот, можеби ќе сакате да прочитате и како темното чоколадо може да ви помогне кога сте депресивни.
Извор: eatingwell.com