Што се случува со вашето тело кога дишете загаден воздух?
Не треба да сте генијалци за да знаете дека загадениот воздух бавно ве труе и нанесува штети на вашето здравје. Кога тој е полн со ПМ 10 честички, секое вдишување воздух е вдишување мала доза отров која не ве убива веднаш, но на долг рок ќе ви нанесе многу штета.
ПМ 10 честичките се мали честички кои го загадуваат воздухот. Многу се мали и во себе го содржат целиот отров кој го испуштаат фабричките оџаци, возилата, електроцентралите итн. За да ја сфатите нивната големина треба да знаете дека во точката на крајот од оваа реченица собира неколку илјади такви честички. Тоа што се толку мали им овозможува да пробијат секаде во човечкото тело, а најопасно е кога ќе навлезат во белите дробови. Толку се мали што телото никако не може да се одбрани од нив и штом нападнат, секако навлегуваат во нас. Не им е проблем да стигнат и во најдлабоките делови на белите дробови.
Зошто се ПМ 10 честичките толку лоши?
Со самото дишење на ПМ 10 честичките, кои во неколку наши градови ги има и по пет пати над дозволените количини, сте сè поблиску до некоја од следниве последици:
- Прерана смрт
- Смрт како последица на дишење воздух со премногу честички
- Проблеми со дишењето
- Астма
- Силно кашлање
- Болки при дишењето
- Хроничен бронхитис
- Намалена функција на белите дробови
- Проблем да се земе здив
- Зголемување на ризикот од срцев удар
- Зголемување на ризикот од заболување од рак
- Зголемување на ризикот од аномалии кај новороденчињата
Кој е изложен на најголем ризик?
Фактот што смртноста е многу поголема во загадените подрачја кажува дека сите се изложени на ризик, но најчувствителни на него се децата, постарите лица и лицата кои веќе имаат срцеви или респираторни болести.
1. Децата страдаат поради тоа што нивните бели дробови сè уште се развиваат и им е потребен повеќе воздух отколку на возрасен човек. Кога кревкиот детски организам е изложен на ПМ 10 честичките, кај него почесто се појавуваат детски болести и што е најстрашно, белите дробови може да не се развијат како што би можеле кога воздухот би бил чист. Ваквиот воздух им ја намалува нивната функција уште додека се мали и потоа е доцна за подобрување на ситуацијата. Со тоа расте и ризикот за заболување од астма.
2. Постарите луѓе страдаат од загадениот воздух на начин што умираат порано. Пред да се соочат со смртта како последица од загадувањето, тие почесто ќе го посетуваат лекарот.
3. Луѓето кои имаат проблеми со респираторни или срцеви заболувања имаат потреба од исклучително здрав остаток од животот, но загадениот воздух не им го овозможува тоа. Тој предизвикува симптомите на нивната болест да се засилат и да им ја влошат состојбата.
Како да си помогнете?
Нема многу надеж, но сепак постојат некои начини да си помогнете во личната борба против загадениот воздух.
1. Престанете да загадувате. Дел од честичките кои ги дишете се создадени лично од вас преку вашиот автомобил. Можете да го оставите дома некој период. Во Македонија има само еден голем град, Скопје, во кој честопати е неопходно превозно средство, но во овој случај транспортот со велосипед е најбрз ако се земат предвид големите гужви. Останатите градови можете да ги изодите од еден до друг крај за помалку од еден час и затоа не ви треба автомобил за да се движите низ нив. Ако имате велосипед, уште подобро.
2. Проверете ја количината на ПМ 10 честичките пред да излезете од дома. На овој линк можете да си ја симнете бесплатната апликација „Мој Воздух“. Таа постојано ќе ви дава информации дали е добро или не да излезете надвор во тој момент. Апликацијата е на македонски јазик.
3. Избегнувајте да излегувате во критичните периоди. Ако надвор е премногу загадено, а припаѓате на некоја од ризичните групи, подобро е да не излегувате на отворено.
4. Избегнувајте џогирање во критичните периоди. Оваа прекрасна и здрава активност може да се претвори во многу нездрава ако поради забрзаното дишење додека трчате вдишете и голем број од овие лоши честички и со голема брзина ги пратите во длабочините на белите дробови.