Што се случува ако често јадете виршли, колбаси и салами?
Месната преработена храна како виршлите, колбасите и саламите има многу калории, масти и сол. Со редовно конзумирање, по неколку пати неделно, го доведувате организмот до ризик од дебелеење, дијабетес, срцеви болести и рак.
Сигурно многупати сте чуле дека сувомесните производи не се добри за вас, но веројатно целата вистина за тоа колку се всушност нездрави не сте ја знаеле досега. Месната преработена храна ги опфаќа сите месни производи кои го поминале процесот на солење и хемиска обработка со кои се продолжува нивниот рок на траење. Еве ги ризиците од нив.
1. Дебелеење
Сувомесните производи се полни со сол, калории и масти. Премногу сол во вашето тело доведува до задржување на водата и надуеност. Уште повеќе сол и масти внесувате ако ги јадете овие производи во сендвич со многу сирење, мајонез и слични додатоци.
Уште еден проблем со месните производи е што со внесувањето на сол и масти ви се забавува системот за варење што ве прави потроми, па наместо да се позанимавате со физичка активност, ви доаѓа да си поспиете.
2. Срцеви болести
Знаете ли колкав товар за вашиот организам претставува кога ќе изедете една виршла или некое друго преработено месо? Добивате трипати поголема количина сол отколку кога ќе изедете сендвич со печено пилешко месо. Солта внесена во преголеми количини во организмот е опасна бидејќи тоа ги ослабува крвните садови, а тоа доведува до срцеви болести.
Вашето тело не може да преработи толкава количина сол. Задржувањето на водата заради внесената сол го зголемува протокот на крвта и тука доаѓаме до проблемот – што поголем проток на крв, толку вашето срце мора да испраќа повеќе крв до вашите артерии – заради што тие многу се оптоваруваат.
3. Дијабетес
Истражувањата покажуваат знаци на опасност во нитритите кои се содржани во месните производи. Имено, според експертите за дијабетес, нитритите го намалуваат излачувањето на инсулин и негативно влијаат на нивото на глукоза во крвта. Според едно недамнешно истражување на Харвард, само една порција со преработено месо на ден (2 парчиња салама или една виршла), го зголемува ризикот од појава на дијабетес за 29%.
4. Рак
Шведските научници откриле дека помеѓу оние кои јадат месни производи е зголемен ризикот на рак на желудникот. Долгогодишна студија спроведена на Хаваи покажала дека оние кои најмногу јаделе преработено месо имале за 67% поголем ризик за рак на панкреасот во однос на оние кои јаделе ретко или никогаш.
Доколку сакате да продолжите да јадете месни производи, препораката од стручњаците е да не го правите тоа повеќе од еднаш неделно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.