Што сè предизвикува неправилната положба на телото при користење компјутер?
Почестото користење на компјутерот значи и поретко движење, а сето ова има негативно влијание врз држењето на телото, особено кај децата. Најчесто можат да се појават болки во вратот, горниот дел од грбот и рамената.
Положбата на телото за време на користење компјутер, односно навалувањето на главата и вратот кон напред, влијае врз развојот и растот на детето. Поради зачестената појава на овие проблеми, експертите вовеле и нов термин – „text neck“ (врат од допишување) кој ги означува болките во вратот и грчевите кои настануваат како последица на постојаното навалување кон напред. Имено, според статистиката, со навалувањето од само 15%, вратот се оптеретува како на него да се наоѓа товар од 27 килограми.
Кога на ова ќе се додаде и времето поминато пред телевизор, лесно е да заклучите дека повеќе од два часа дневно минуваме пред екран, што е два пати повеќе од препорачаното време.
Главоболките, зуењето во ушите, нарушувањата на работата на респираторниот систем и тироидните жлезди и високиот крвен притисок, наводно се поврзани со лошото држење на телото, особено со навалувањето на вратот. Ова нема да ве чуди кога ќе дознаете дека на главата се наоѓаат сите „сензори“ за преживување. Кога ќе се наруши циркулацијата во тој дел, доаѓа до намалување на дотокот на хранливи материи до ткивата и органите, се зголемува напнатоста и настанува нерамнотежа на целиот локомоторен систем.
Покрај болките во вратот и рамената, навалувањето на главата може да предизвика сколиоза и проблеми со ‘рбетот и ‘рбетните дискови. Имено, ‘рбетните дискови се „хранат“ со движење, па кога има недостаток од физичка активност, а циркулацијата веќе е нарушена од навалувањето на главата, настанува дехидратација на дисковите, а со тоа и притисок на нервите и болки.
Пробајте ја оваа 10-минутна вежба со која ќе го подобрите држењето на вашето тело.