Што после добиен отказ од работа?
Автор: Горана Коневска
Добивање отказ, за жал, може да му се случи секому. Може да се случи и без ваша лична вина. Може да биде заради вашиот различен став од оној на директорот, може да е поради намалување на буџетот и работните места и сл. Иако е страшно тешко, многу е важно да се потрудите во тие моменти да излезете на крај со новонастанатите околности со стабилни чекори, без депресивни излетувања и со реално согледување на ситуацијата. Еве неколку совети што може да направите кога веќе сте се нашле во таква ситуација:Бидете нежни кон себе: Кога веќе се случил ваков несакан момент, не смеете да се обвинувате себеси. Бидете самокритични, но не претерувајте. Во ред е да се извлече поука од секоја ситуација, но во ваков момент, најмалку што ви е потребно е самите да си создавате психичка тортура.
Дајте си слободен период: Дури и кога финансиски сте во незавидна положба, потребно е да му дадете време на својот дух, на својата ментална и психолошка состојба, да се врати во нормала. Слободниот период може да трае од неколку дена до месец, но важно е вие да го поминете стресот и да се стабилизирате. Во овој период што ќе си го дадете никако не размислувајте за работата и за стресот кој сте го преживеале. Фокусирајте се на сè друго: на убава книга, филм, кафе, пријатели или на…
Ново хоби: Почнете со некоја нова активност која ќе ви ги оттргне мислите од негативната ситуација. Пронајдете некое интересно хоби или некоја нова физичка активност: аеробик, јога, планинарење, медитација, читање книги, трчање. Постојат многу активности кои можете да ги практикувате и за кои не се потребни финансии.
Кафе и пријатели: Во ситуација после отказ, никако не смеете да се затворите дома. Многу е важно вашиот социјален живот да го држите на високо ниво. Тоа не само што ќе направи да се чувствувате подобро, туку и ќе ви помогне во запознавањето нови луѓе и отворање нови можности.
Подготовка за нова работа: Разгледајте ја својата кратка биографија и средете ја доколку е тоа потребно. Во овој момент тоа е првиот документ кој ќе му привлече внимание на вашиот нов работодавач, така што сигурно сакате да го отсликува најдоброто за вас! Откако ќе ја средите својата биографија, направете список на оние компании во кои би сакале да работите и кои соодветствуваат со вашето работно искуство. Проверете дали има конкурси за нови работни места, а и доколку нема, сепак аплицирајте, не се знае кога и каде ќе ви се насмевне среќата. Обично големите компании си имаат и свои бази на податоци каде ќе се најде и вашето име, па во моментот кога ќе имаат потреба од кадар како вас ќе ве контактираат.
И запомнете: Вие не сте вашата работа или вашата гардероба и без разлика каде сте, што работите и што поседувате, тоа не ве прави повеќе или помалку вредни. Едноставно, она што треба постојано да го практикувате е позитивна мисла и позитивен дух, бидејќи тие ќе ви ја отворат и најтешката врата. Сè се случува со причина и секое зло е за добро (иако во некои моменти е тешко тоа да се согледа). Тоа што не ве убива само ве прави посилни, а ова е уште едно искуство во животот кое ќе ве направи помудри.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Odlicen post 🙂 Moze na sekomu da se sluci, no najbitno e pozitivnata misla nikogas da ne ne napusta
Ова е најдобриот начин за да се бори човек против стресот кога ќе се загуби работа. Честитки до авторот, едноставно не можеше подобро да се состави.
Pozitivniot stav sekogas e vazen za sekoja rabota vi zivotot.. tocno e napisanoto iaku e tesko i neopislivo e da se prebrodi takva rabota osobeno vo nasava zemja kade sto treba da se baraat vrski za vrabotuvanje i ne sekogas kvalitetot e presuden
sekoja cest, prekrasen post, samo napred i sekogas da izviraat nepresusni idei i vakvi inspirativni dela