Што никогаш не смеете да ѝ кажете на личност што страда од панични напади?
За оние кои никогаш не го искусиле, концептот на панични напади може да биде доста нејасен, па дури и да не можат да веруваат дека воопшто постои. Но, вистината е дека паниката може да биде проследена со анксиозност, страв и нервоза, а со самото тоа што ваквата состојба е сосема реална, па многу треба да се внимава како се однесуваме кон оние кои ја имаат. Поради тоа, мора да избегнувате, односно воопшто да не помислувате да ги кажете следниве реченици…
„Сè е тоа во твојата глава!“
Овој коментар е многу чест кога некој страда од некакво нарушување кое е непознато за другите. Но, целосно е погрешно да се обидете да убедите некој кој преживува паничен напад дека причина за тоа не постои и дека всушност го замислуваат сето тоа. Наместо ваква реченица, понудете се да помогнете. Никој не е виновен што ги има тие панични напади, кои може да бидат предизвикани од многу фактори како што се ниска самодоверба, осаменост или едноставно, неможност да се биде силен во тешка ситуација. Покажете ѝ на оваа личност сочувство и емпатија, за да се почувствува разбрана и безбедна покрај вас.
„Смири се и контролирај се!“
Ова е најнечувствителната фраза која може да ви падне на памет додека некој поминува низ паничен напад. Имајте на ум дека тие не ни можат да се контролираат и дека нападот на паника и анксиозност се случува токму поради недостатокот на самоконтрола. Самите симптоми на паничен напад се тешки да се контролираат, затоа не бидете дрски, туку повторно, понудете ја својата помош, прашајте дали им е потребно нешто или едноставно, доколку е потребно, повлечете се додека личноста да се смири. Често на овие лица им се потребни неколку минути самотија, без никој да ги прашува што им се случува, за да можат самите да воспостават контрола врз себе.
„Претеруваш со реакцијата!“
Запомнете, никогаш не смеете да пресудите дека некој претерува со реакцијата, особено доколку не сте запознаени со тоа низ што поминува. Во моментите на паника нивното дишење е отежнато, а може и да им се слоши. Постојано се во страв дека ситуацијата можеби ќе излезе од контрола, но се прашуваат и дали се во состојба пред инфаркт. Во ваква ситуација дајте ја сета потребна поддршка и покажете разбирање за личноста.
„Соочи се со стравовите и надмини ги!“
Вистина е дека овие лица треба да се соочат со причинителите на паниката, а дури и самите се свесни за тоа. Доколку ги потсетувате, само правите да се чувствуваат беспомошни и тоа може да има дури и спротивен ефект, па и избегнување и заобиколување на сосема нормални појави во иднина. Добро е да знаете и дека луѓето кои имаат панични напади, развиваат и страв од истите, бидејќи често им се случувале и знаат колку не биле пријатни. Затоа, советувајте ги самите да најдат начин да ги надминат стравовите, наместо да им заповедувате дека мораат да го направат тоа.
„Баш си уништувач на забави!“
Уште една забранета реченица. Паничните напади може да спречат и да уништат многу планови, што често ја вознемирува и самата личност, но и нејзините блиски и пријателите. Обвинувањата упатени кон нив се сосема погрешен потег и единствено може да резултираат со повредени чувства и срам. Единствено што можете да постигнете е да предизвикате дополнителен стрес. Но, доколку се најдете во ситуација некој околу вас да се соочува со паничен напад, одговорете со разбирање и емпатија, дури и ако тоа значи да пропуштите нешто што сакате. Не заборавајте дека погрешните зборови и постапки можат да повредат многу, па затоа во ваквите ситуации треба внимателно да ги избирате.
Прочитајте и какво е чувството да се доживее паничен напад.