Што никако не смеете да им кажете на бремените жени?

Што никако не смеете да им кажете на бремените жени?

Доколку и самите сте биле трудница која честопати слушала иритирачки коментари и забелешки од сите околу вас, вклучувајќи ги и вашите пријатели, можеби ќе можете да се сетите колку тоа ве нервирало и да се однесувате понежно со трудниците кои ги среќавате. Доколку не сте имале привилегија да носите бебе во стомакот, тогаш верувајте на зборот на оние кои биле, бидејќи тие забелешки се навредливи, глупави, себични и ниту една бремена жена не сака да ги слушне. А и зошто жените би се сетиле да ги кажуваат овие зборови на другите жени?

1-shto-ne-smeete-nikako-da-im-kazhete-na-bremenite-zheni-www.kafepauza.mk_

1. „Уф, колкав ти е стомакот. Да не очекуваш близнаци?“

Заслужувате една голема и сочна опомена. Од каде вие знаете колкав треба да биде нејзиниот стомак? Во бременоста големото е нормално, а освен тоа е и прекрасно. Имате право само да се воодушевувате на нејзините облини и натегнатоста на тој стомак и да ја прашате дали бебето се подмрднува и дали смеете да го помилувате преку тој прекрасен стомак.

2. „Очекуваш девојче? Супер, следниот пат сигурно ќе биде момче!“

Најверојатно не сте размислиле ни десетина секунди кога сте дозволиле ова да ви се „слизне“ од устата. Тоа е некако вообичаена фраза во нашето општество, како идните мајки треба да се утешат поради неуспехот. Ако очекувала момче, најверојатно би кажале нешто во стилот „Прво, па машко“, што е подеднакво сексистички. Наместо тоа, можете да ја прашате трудницата дали сакала девојче или момче и љубезно да ја сослушате нејзината приказна за тоа како ѝ е сеедно, само да биде живо и здраво, дека навистина сакала да биде девојче, или пак, дека на почетокот се надевала на син, но веќе се навикнала на идејата дека носи девојче, па се радува и едвај чека да ја види. На тој начин се водат нормални, искрени, топли разговори со трудницата во врска со нејзината бременост. Од друга страна пак, тие сепак знаат да разговараат и на други теми.

3. „Јас никогаш нема да имам деца.“

Задржете ја за себе оваа, најверојатно сосема искрена реакција. Едноставно не е културно, човечко и пристојно да ѝ кажете на трудницата дека не сакате да имате деца, како што не е пристојно да му кажете на попот дека не верувате во Бог, или да ѝ зборувате на калуѓерката за секс. Тоа не е во ред.

2-shto-ne-smeete-nikako-da-im-kazhete-na-bremenite-zheni-www.kafepauza.mk_

4. „А, што ќе се случи со твојата работа, кариера, бизнис?“

Вие никогаш не сте виделе жена која има кариера, бизнис, работа, а сепак успеала да стане мајка? А во процесот на станување мајка, секако дека некој период била трудница, што е баш незгодно за работата, кариерата, бизнисот, бидејќи сите знаат дека на трудниците мозокот им е во стомакот и дека не се способни за работа. Доколку некогаш сте го кажале ова, сега треба малку да се срамите и да си ветите дека нема никогаш повторно да го повторите.

5. „Мојата сестра толку многу се измачи на пораѓањето…“

Немојте на овој начин да ја започнете реченицата. Доколку мислите дека треба да предупредите некого, тогаш бидете тактични, кажувајќи дека сте слушнале дека треба да се обрне внимание на тоа и тоа, поради тоа и тоа. Немојте да кажувате хорор приказни, бидејќи секоја трудница и без вас е доволно загрижена за пораѓањето кое следува.

6. „Дали планираш на кој начин ќе се вратиш во форма после породувањето?“

Да, подобро кажете ѝ како е грозна и како неприфатливо се здебелила и дека повеќе никогаш нема да изгледа како жена и да секако, во мајчинството нема ништо поважно отколку мајката што побрзо да ја „дотера“ својата линија. Ако немате некој комплимент за нејзиниот здрав бремен изглед, тогаш зборувајте за времето. Или немојте да зборувате ништо и дозволете ѝ нејзе да зборува и љубезно климајте со главата, додека во себе колнете се дека никогаш нема да си дозволите така да се запуштите, без разлика колку пати ќе бидете бремени. И среќно со таа одлука.

Погледнете и што се случува со телото на бремените жени!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар