Што нема да најдете во една продуктивна канцеларија?
Ако порано единственото нешто што се барало од работниците било вложување максимален труд, бројни часови минати на работа и ставање акцент единствено на продуктивноста, денес за среќа работите се менуваат. Модерните и современи менаџери сè повеќе обрнуваат внимание на креативниот процес во работата, кој пак загарантирано резултира со поголема продуктивност, но и поголема љубов кон она што вработените го прават.
Секој сака продуктивно и исполнето работно место каде вработените вложуваат труд, но и креативни решенија за работата. Доколку сакате да се подобрите во овој аспект од работата, имајте ги на ум овие нешта на кои мора да внимавате. Ова се нештата кои нема да ги најдете во една продуктивна и исполнета работна средина.
Притисок
Како што веќе рековме, времињата се менуваат. Вработените не се веќе марионетки кои мора максимално да се вложуваат себеси секој ден од 8 до 4. Доколку сакате успешно да менаџирате, ослободете ги од овој притисок. Секако, работната дисциплина е на прво место и никој не смее да ескивира од дадените работни задачи, но намалете го притисокот и умешно вметнете поголема слобода во работењето.
Нереални очекувања
Кога имате пред вас група вработени, не ги гледајте како компјутери туку како личности со комплексна психологија од кои не можете да очекувате да се однесуваат совршено или да постигнат работи кои не се реални. Доколку им наметнете нереални очекувања, вработените нема да знаат кон што точно да се стремат. Не си задавајте преголеми залаци, не барајте од нив да се вклучат на некаква норма. Обрнете внимание на квалитетот наспроти квантитетот.
Неплански делувања
Добрите менаџери, а и вработените секогаш се раководат според некаков план. Доколку не планирате се губите во морето од можности и задачи. Многу е полесно кога ќе се насочите кон одредена цел или идеја. Во продуктивна и успешна работна средина, планското работење е неизбежно. Затоа започнете ја секоја работна недела со неделен план.
Групна оценка
Успешната работа во групи и тимови е важна за секој работодавач, но само успешните менаџери знаат да ги издвојуваат сите вработени поединечно според нивните уникатни вештини и способности. Не секој има талент за сè и не се сите исти. Избегнете презентирање на резултатите и работата во групи, така лесно ќе се изгубат одредени вработени кои немаат доволно храброст да се истакнат меѓу другите и уште полесно ќе се разочараат гледајќи како нивниот квалитет се губи некаде во тимот, па ќе престанат да вложуваат толку. Тимската работа е важна, но обрнувајте внимание на секоја индивидуа поединечно.
Мултитаскинг
Искусните менаџери никогаш не ги мотивираат своите вработени да се фокусираат на повеќе работи истовремено, туку квалитетно да се насочат кон тоа што во моментот е примарно.
Прекинување и деконцентрација
Во една продуктивна работна средина не се слуша звукот на известувањето за пристигнат мејл, ниту пак гласното зборување на телефон на колегите. Никој не е должен да трпи нешто што му го одзема фокусот од работата.
Забрана за долги паузи
Старото работно правило е да се прават кратки и исклучиво неопходни паузи. Но, да се навратиме на идејата за модерното работење и слободниот процес на креативност во работата. Паузите се неопходни. Оставете ги вработените да се напијат кафе, да излезат на воздух, да прочитаат весник. Доколку мислите дека некој може да биде максимално сконцентриран подолго од 2 часа, се лажете.
Забрана за кратење на работното време
Слободно организирајте турнир во фудбал на пример, кој во одредени денови би им овозможил на вашите вработени да го напуштат работното место еден час порано. Така не губите, така добивате.
Забрана за флексибилни работни часови и работа од дома
Работното време од 8 до 4 на пример, не значи задолжително дека е најпродуктивното работно време за секого. Доколку процените дека некој од вработените би бил попродуктивен навечер, а доколку вашата фирма го дозволува тоа, оставете дел од работата да ја заврши од дома, наместо принудно да седи на работното место.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.