Што кажуваат отечените стапала и глуждови за вашето здравје?
Многу луѓе се соочиле со отечени нозе и глуждови. Оваа непријатна состојба најчесто е предизвикана од долготрајно седење или одење, носење неудобни чевли, како и од бременост. Но во некои случаи, отечените нозе можат да укажуваат на посериозен проблем кој не би требало да го игнорирате.
1. Блокирани вени
Кога циркулацијата во телото се одвива добро, вените не дозволуваат крвта да се собере во вашите нозе. Со стареењето, овој процес станува помалку ефикасен, па крвта може да се задржи во нозете.
Тромбозата е уште еден проблем со вените кој може да предизвика отекување на нозете. Згрутчената крв го блокира враќањето на крвта од нозете до срцето, па течноста останува во вашите стапала. Без третман, оваа состојба може да стане опасна, бидејќи згрутчената крв може да заврши и во друг дел од телото. Грутките можат да стигнат до белите дробови, но и да го блокираат дотокот на крв во мозокот.
2. Неправилна работа на срцето
Отекувањето на нозете може да биде резултат и од проблеми со срцето. Кога срцето нема доволно моќ за пумпање, не може да ја однесе крвта од стапалата, до горниот дел од телото. Доколку имате отечени нозе, внимавајте и на другите симптоми за срцеви заболувања како што сте болка во градите, замор и отежнато дишење.
3. Болест на бубрезите
Една од главните функции на бубрезите е ослободување од вишокот течности во телото. Кога бубрезите не можат да ја завршат оваа работа, вишокот течности и натриумот остануваат во телото и предизвикуваат отекување. Оваа состојба може да биде предизвикана од уринарни инфекции кои ги оштетуваат бубрезите. Отекувањето предизвикано од проблем со бубрезите најчесто се јавува на нозете и околу очите.
4. Проблеми со црниот дроб
Покрај другите функции, црниот дроб е одговорен за лачењето на протеинот наречен албумин. Овој протеин ја чува течноста во крвотокот и не ѝ дозволува да истече во другите ткива. Некои болести на црниот дроб можат да го намалат нивото на албумин во крвта, така што течноста од крвниот систем завршува во другите телесни ткива. Во овој случај, отоците се појавуваа во стапалата и глуждовите, но и на други места од телото.
5. Лимфниот систем не ги отстранува телесните течности
Заедно со крвните садови, лимфните садови го разнесуваат кислородот и хранливите материи до ткивата, а го отстрануваат отпадот и јаглеродниот диоксид. Кога лимфните садови се блокирани и не можат да си ја вршат функцијата, тоа може да резултира со абнормално собирање на течност, познато како лимфедема. Лимфедемата може да настане поради инфекции, операција, траума, радијација, третман против рак и други фактори.
6. Несоодветни лекови
Многу често, отекувањето на стапала и глуждовите е несакан ефект од некои лекови. Овде спаѓаат лековите како орална контрацепција и орални стероиди. Доколку имате отечени стапала, обидете се да дознаете дали тоа е поврзано со некој од лековите што ги земате.
Доколку отокот на нозете е предизвикан од неудобни чевли или долго стоење, лесно можете да се справите со проблемот – добро одморете се и држете ги нозете во крената положба. Доколку симптомите не исчезнат по долгиот одмор или се сомневате дека причината е нешто друго, веднаш обратете се кај вашиот лекар.
Пробајте ги и овие евтини и домашни рецепти за отечени нозе.