Што е важно да знаеме за да умееме да се прилагодуваме на промените?
Автор: Илина Бакев
Промените се постојано околу нас. Дали ќе ја промениме патеката по која секој ден одиме на работа или во продавница, дали имаме нова работа, работна позиција или проект, дали е проширување на семејството или загуба на некој близок, случувања во државата или патување во нова земја – ние треба да се прилагодиме на сите тие новонастанати ситуации во нашите животи. Понекогаш промените се мали што не ги забележуваме, додека друг пат се толку големи што „нè маваат од земја“.
Прилагодувањето е една клучна карактеристика (процес) која ја употребуваме цело време, во секакви ситуации и во различни моменти. Луѓето се прилагодуваат на промените така што формираат нови очекувања во новонастанатите услови.
Во целиот тој процес, за да се направи промена и прилагодување на новонастанатата ситуација, случка, состојба, потребна е енергија. Сите ние поседуваме три вида енергија која треба да научиме правилно да ја насочуваме:
- Ментална (да дознаеме што се случува и како да се одговори)
- Емоционална (да се справиме со разните чувства како загуба, анксиозност, закана, радост, оптимизам, итн.)
- Физичка (да се приспособиме на телесните последици од стрес, возбуда, итн.)
Од пред речиси 6 месеци сум на позиција малку поразлична од она што сум го работела досега. Моето прилагодување не се однесуваше само на новата средина и на колегите, туку и на опсегот и различноста на работните задачи. Во целиот процес се потрудив да користам неколку работи кои ми помогнаа полесно да го пребродам периодот на адаптација и полесно да се вклопам во тимот.
Во продолжение ви презентирам неколку совети кои беа корисни за моето искуство, а се надевам дека кога ќе ги примените ќе ви користат и вам полесно да се прилагодите на случувањата во вашите животи:
- Истражувајте. Барајте различни луѓе, мислења, култури, религии и теории за да добиете поразлична слика и перцепција од она што веќе го знаете и мислите дека е правилно, а сепак да бидете подготвени да си признаете дека понекогаш грешите. На тој начин ќе имате комплетна слика за промената.
- Отфрлете ги менталните бариери. Кога ќе се ставите во одреден шаблон, сè што ќе се случи поразлично ќе го доживеете како промена. Пробајте да ги тргнете тие бариери и автоматски навики кои ви го прават животот полесен и не ве тераат на мисловен процес.
- Слушајте внимателно и поставувајте прашања. И не се плашете дека ќе прашате глупост. Желбата за учење нови работи се вреднува и ќе ви помогне во целиот процес полесно да го најдете вистинскиот пат кон чувството дека сте добро со себе.
- Бидете флексибилни. Животот никогаш не излегува како што очекувате. Бидете подготвени да се борите и да се справите со сето она што е од суштинско значење. Ако сте наумиле да направите нешто, а не функционира на вашиот начин, најдете нов начин.
- Верувајте дека можете да се прилагодите. Вашиот мозок е научен на прилагодување. Преку ментални способности, меморија и способноста за учење тој е дизајниран да се подобрува со текот на времето. Што значи дека секој може да се навикне на нови случувања, само потребна е желба.
- Дајте си време. Потребно е време за прилагодување. Тоа нема да се случи преку ноќ. Сигурно на почетокот ќе правите грешки, но тие се дел од иницијалната фаза на прилагодување и процесот на учење. Опуштете се и ќе се адаптирате многу побрзо отколку што мислите.
„Не се најсилните или најинтелигентните оние кои ќе преживеат, туку оние кои најдобро можат да се прилагодат на промената.“ – Чарлс Дарвин
И на крај уживајте на вашето ново патување, бидејќи секое искуство е вредно и незаменливо само по себе.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.