Што е тоа хипнопородување? Метод кој ѝ овозможи на Кејт Мидлтон да застане на нозе веднаш по породувањето
Само неколку часа по раѓањето на нејзиното трето бебе, Кејт застана на излезот од болницата со новороденото синче во рацете, придружена од гордиот сопруг, принцот Вилијам, изгледајќи како да излегува од салон за разубавување. Како е тоа можно? Иако не е официјално потврдено, се смета дека Кејт сите три деца ги има родено со методот хипнопородување. Каков е тој метод и дали навистина помага породувањето да помине лесно и безболно?
Што е хипнопородувањето?
Според лондонската клиника „Хипнобртинг“, се работи за познат, логичен и ефикасен начин на подготовка за породување која ги намалува стресот и непријатноста при породувањето на тој начин што на мајката ѝ се овозможува целосен надзор на целиот процес. Освен Кејт Мидлтон, за овој принцип на породување се одлучиле и многу други жени, а од славните личности Жизел Бундшен и Анџелина Џоли.
Методот на хипнопородување се заснова на трудот на Грентли Дикрид, англиски акушер кој уште во 1933 година ја објавил книгата под наслов „Породување без страв“. Тој сметал дека стравот е она што го отежнува породувањето – ако мајката се плаши од контракциите и породувањето, крвта и кислородот потешко стигнуваат до матката, мускулите се стегаат и грчат, па болките се појаки. Ако е жената смирена, мускулите на матката се опуштаат и телото само произведува поголема количина окситоцин и ендорфин, природни средства против болки. Тоа влијае самото породување да биде помалку болно, пократкотрајно, а мајката после тоа да не биде изморена.
Во што се состои методот на хипнопородување?
Ова е всушност комбинација од дишење, длабока релаксација и техника на визуализација со помош на позитивно размислување и охрабрувачки зборови.
Најважниот дел од хипнопородувањето е т.н. психопрофилакса, односно психички подготовки – на жената треба внимателно и темелно да ѝ се објасни што се случува при породувањето во физиолошка смисла, бидејќи тогаш таа точно ќе знае што може да очекува, па во породилниот процес ќе влезе без страв, со сигурност и самодоверба.
Значи ли тоа дека не е потребна никаква анестезија?
Хипнопородувањето ги намалува и ублажува породилните болки, но тоа не значи дека родилката не смее да прими некое друго средство против болки, од инхалација на мешавина од гас и воздух до епидурална анестезија.
Кои се најчестите заблуди околу хипнопородувањето?
Кога ќе се слушне овој збор, многу жени помислуваат на некаква бизарна секта, но всушност тоа е метода со која може да се служи секој бидејќи се темели на природното функционирање на телото и умот, а не на некакви чудни идеи. Иако името на техниката звучи како да се користи хипноза во процесот, во текот на хипнопородувањето мајката не е ни хипнотизирана ни успана, туку будна и целосно свесна за она што се случува. Името всушност се однесува на чувството на смиреност и опуштеност кое се постигнува при хипнопородувањето.
Прочитајте ги и овие охрабрувачки вести: По породувањето, женското тело го чекаат позитивни промени.