Што е најважното нешто за градење цврста емоционална интелигенција?
Како да се подобри емоционалната интелигенција? На што треба да се обрне најмногу внимание? Кога да се зборува, а кога да се премолчи? Дали најважното нешто за градење цврста емоционална интелигенција е да се биде тивок додека се учи нешто ново? На прашањето за тоа како е можно да се подобри емоционалната интелигенција, поставено на „Квора“ (Quora), Џенифер Гутман, клинички психолог, дала многу добар одговор.
Според неа, најважниот фактор за воспоставување на емоционалната интелигенција е важноста на слушањето и останувањето тивок во вистинскиот момент. Често, кога луѓето ќе почувствуваат непријатност или потешкотија со некоја социјална вештина, тие се впуштаат во зборување за да можат да ја замаскираат вистинската состојба. Гутман тврди дека најважно нешто кога се обидуваме да научиме нова комуникациска вештина е да бидеме тивки и внимателно да слушаме. Со тоа создаваме здрава основа за градење на емоционалната интелигенција.
Кога слушаме, ние имаме разбирање за емотивните искуства на соговорникот и тоа ни помага да бидеме сочувствителни и емпатични со нивната состојба. Клучен дел од емоционалната интелигенција е можноста да се разбере искуството на другиот, без да се споредува со вашето.
Воспоставувањето емоционална интелигенција зависи и од фондот на зборови со кои располагаме. На колку повеќе начини умееме да ги опишеме моменталната состојба и расположенијата, толку сме емоционално поинтелигентни. Слушајќи ги другите, го збогатуваме сопствениот речник, но и развиваме разбирање кон нив, а со тоа и не поставуваме непотребни прашања.
Кога разговарате, сосема е непотребно да го „бомбардирате“ соговорникот со многу прашања. Наместо тоа, бидете кратки и прецизни, но покажете и сочувство и разбирање и многу важно, избегнете да раскажувате за ваши слични искуства. При градењето на емоционалната интелигенција вниманието треба да биде насочено кон оној што има проблем и на кого навистина не му е дојдено до туѓите искуства во тој момент. Со самото покажување емпатија, помагаме да се развие и нивната емоционална интелигенција и еден ден и тие ќе станат добри слушатели.
Од друга страна, важно е секогаш да се има предвид дека луѓето ретко бараат решение, а често само сакаат да бидат ислушани за своите проблеми. На сите ни е важно да ја почувствуваме безбедноста на меурот полн со сочувство и емпатија, а решението на проблемот доаѓа постепено. Ако нудите решение, тогаш се добива впечаток дека немате толеранција за нивното зборување, но и дека мислите дека се неспособни самите да го решат проблемот. Затоа, водете се од правилото наведено уште на самиот почеток, бидете слушатели, а зборувајте помалку, ценете ги чувствата на соговорникот и имајте разбирање за нивниот проблем. Само на овој начин ќе покажете дека поседувате високо ниво на емоционална интелигенција.