Што е најпаметно да се јаде после вежбање?
За да не ви падне во вода целиот труд којшто го вложувате во вежбањето и топењето калории, после спортската активност морате нешто да јадете, но важно е и што ќе ставите во вашата чинија. Откако ќе се освежите со чаша вода или свежо цеден сок од портокал, најкасно 2 часа после тренингот нафрлете се на бананите, јаткастите плодови, сувото овошје или ананасот – препорачуваат стручњаците.
Телото користи многу енергија во текот на вежбањето. Доколку најдоцна 60-120 минути после големиот физички напор не внесете храна во организмот, вашите мускули нема правилно да се регенерираат и целиот ваш труд ќе биде залуден, предупредуваат стручњаците.
И покрај тоа што многу мала количина од која било храна, консумирана 15 минути после тренингот ќе ги надомести основните потреби на организмот, сепак нутриционистите и фитнес-експертите издвојуваат неколку намирници, како особено корисни за телото.
Доколку убаво сте се испотиле, најпрво напијте се една чаша вода. Доколку тоа не е доволно за да ја изгасите вашата жед, свежо цедениот сок од портокал сигурно ќе ве освежи. Освен што ќе го снабдите телото со витамин Ц, ќе му го дадете и потребното ниво на калиум. Станува збор за важен електролит, кој му помага на организмот да го избалансира нивото на течности.
После напорната физичка активност, бананата со нејзините „добри“ јаглени хидрати ќе ги обнови резервите на гликоген, кој е задолжен за да ги „поправи“ изнемоштените мускули. Количеството на калиум кое го има во ова овошје, исто така не е за занемарување.
Сувото овошје и јаткастите плодови, се одличен избор доколку брзате. Еден грст, па дури и помала количина, брзо ќе го снабди телото со протеини и јаглени хидрати. Во предвид доаѓаат сите видови плодови: ореви, лешници, суво грозје, бадеми, индиски ореви, суви смокви, суви кајсии, аронија…
За оние кои сакаат да се ослободат до вишокот килограми, нутриционистите честопати го препорачуваат ананасот. Тајната на ова тропско овошје е ензимот бромелин, кој ги топи маснотиите, но одличен и е и за вежбачите, бидејќи е докажано дека одлично се бори против воспаление на мускули, модрици, истегнувања и отоци. Поради тоа, ова сласно жолто овошје богато со витамин Ц, е клучна компонента во процесот на регенерација на ткивата.