Што е маркетингот, а што не е?

Што е маркетингот, а што не е?

Автор: Петар Лазаров

Многу е тажно во државава, од бизнис но и од секаков друг аспект, што или немаме знаење да ја искористиме најдобро моќта и користа на маркетингот или го употребуваме во сосема негативна конотација, да ја изманипулираме и спинуваме публиката со цел да си ги оствариме нашите цели (не размислувајќи како тоа ќе се одрази на другата страна). Денес маркетингот се заснова на концептот „брзо и алчно“. Тој се претвора во политичка кампања, каде сите ветуваат сѐ и сешто a на крајот најдебелиот крај го извлекува крајниот потрошувач.

1-shto-e-marketingot-a-shto-ne-e-kafepauza.mk

Маркетингот/пропагандата според филозофијата на емоционалната интелигенција претставува игра на моќ. Што и навистина е. Преку маркетинг техниките што може да се користат, се манипулира и влијае на публиката. Да си знаете дека ова се однесува на сите нас. И вие сте несвесно под влијание, иако во моментов можеби некои не се сложуваат со ова и си викаат „на мене маркетингот и рекламите немаат влијание“.

Маркетингот е меч со две острици. Дали ќе го користиме правилно и морално, како модел со кој ќе го развиваме нашиот бизнис и преку кој најдобро ќе ги задоволиме барањата на нашите клиенти, или ќе ги користиме неговите „вештерски“ моќи на манипулација и спин, зависи од оној што го користи. Маркетингот ви е како динамитот. Нобел го измислил со цел да го подобри и олесни градежништвото, а не да измисли оружје за масовно уништување.

Проблемот е што сите знаеме маркетинг и сите имаме некој наш цврст и „правилен“ став околу неговото значење, вредност и ефекти. Во Македонија, за жал, ставот кон маркетингот е дека тоа е трошок (се мисли на рекламирањето, а не на маркетингот), дека секој може да го прави (затоа не се внимава многу кој се става во одделот за маркетинг) и малку се инвестира во едукација во маркетинг (да погледнеме само колку обуки за маркетинг се нудат на пазарот, а колку од другите области на доедукација). Но, поради тој став и гледиште кон маркетингот, јас верувам дека Македонија е на ова ниво на економски развој. И од аспект на држава и бизнис имаме фантастичен потенцијал, но не знаеме да го искористиме.

0-shto-e-marketingot-a-shto-ne-e-kafepauza.mk

 

„Маркетингот не се користи за да ја зголеми продажбата, тој треба да се користи да ги развива односите со клиентите.“ – Колин Тарнер (автор)

  • Маркетингот е срцето на компанијата. Од него треба сѐ да почне и да заврши. И така цело време – тој не е само сектор во компанијата.
  • Маркетингот е секој наш потег, активност или стратешка определба – тој не е трошок за реклама.
  • Маркетингот не е да продадеш повеќе по секоја цена – туку тој е да ги задоволи потребите и желбите на клиентите.
  • Маркетингот значи вклученост на клиентот – тој не е убедување во нашите ставови и желби.
  • Маркетингот значи знаење, креативност и енергија – тој не значи огромен буџет.
  • Маркетингот е известување на клиентот за вистинските вредности на производот/услугата – тој не е манипулација и спин (за остварување на своите лични цели).
  • Маркетингот значи поврзување на производот со купувачот – тој не е лансирање на производ кој му се допаѓа на директорот.
  • Маркетингот додава вредност (го јакне брендот) – тој не е „само“ промоција на производот.
  • Маркетингот го комуницира карактерот на производот/услугата – тој не е само рекламирање на карактеристиките и користите на производот/услугата.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар