Што да се напиете откако ќе се разбудите? Нутриционистите го имаат одговорот!
Сигурно понекогаш се прашувате кој е најдобриот начин да го започнете денот во поглед на исхраната и течностите. Дали е подобро да се напиете голема чаша вода, шолја топол чај или кафе? Во продолжение прочитајте ги советите на нутриционистите во поглед на ова прашање.
Пијте повеќе вода, дури и ако не сте жедни
Според нутриционистите, можеби најдобриот избор би бил токму водата. На вашето тело му е неопходна хидратација, особено по спиењето. Можеби и нема да се чувствувате жедни веднаш штом ќе се разбудите, но пиењето вода треба да ви премине во навика за да ја обезбедите потребната хидратација на организмот во текот на целиот ден. Секако, доколку не сакате да пиете вода, можете да изберете нешто друго.
Не мора да ги следите трендовите
По социјалните медиуми почна да се шири тренд за консумирање кафе со путер или кокосово масло. Според нутриционистите, дефинитивно не станува збор за здрава опција и не треба да паѓате во стапица дека ова може да ви помогне и во намалувањето на телесната тежина. Треба да внимавате и на енергетските пијалаци. Како што е познато, тие содржат многу кофеин, па затоа ќе треба да внимавате и во однос на кофеинот што ќе го внесете во остатокот од денот.
Шолја чај за добро утро
Чајот е пијалак со многубројни здравствени придобивки и поради тоа не треба да се двоумите дали да го вметнете како дел од вашата утринска рутина. Полифенолите во чајот влијаат не само врз подобрување на расположението, туку се од голема помош при одржување здрав крвен притисок, намалување на ризикот од срцеви заболувања, како и намалување на ризикот од појава на дијабетес тип 2. Друга опција за здрав почеток на денот е и топла вода со лимон.
Кафе за повеќе енергија
Доколку утрото ви започнува со работните обврски, особено доколку работите од дома, тогаш можеби вашето омилено кафе е идеалната опција за вас.
Откако ги прочитавте советите на нутриционистите, можеби ќе сакате да прочитате и 6 цитати за да го започнете денот со позитивна мисла.
Извор: huffpost.com