Што да правите ако во куќата имате бебе и домашно милениче?
Односот помеѓу децата и животните има големи придобивки за животот на детето. Со развивање емпатија кон животните, децата формираат карактер, стануваат дружељубиви, самостојни и повнимателни. Ако децата растат со мачка или со куче, тоа влијае на нивниот поглед на природата и на животните и според статистичките податоци, се намалува можноста за појава на алергии.
Пред доаѓањето на новороденчето, миленичето го добиваше целото внимание, но со доаѓањето на бебето, ситуацијата се смени. Се случува кучето или мачката да бидат љубоморни на бебето, но тие се свесни за својата позиција во семејството, па затоа не треба да се грижите премногу. Помеѓу бебето и миленичето може да се појави конфликт ако бебето го повреди во текот на играта или ако го задева додека јаде. Кучето или мачката може да се исплашат мислејќи дека бебето сака да им ја украде храната. Едноставно не дозволувајте му на вашето бебе да му пријде на миленичето додека јаде.
Научете го вашето дете да се однесува нежно кон животното
Кога ќе го донесете бебето од болница, домашното милениче го гледа бебето како ново домашно милениче кое го привлекува вниманието што порано го добиваше вашето милениче. Многу е важно кога бебето ќе го донесете дома, животното да воспостави добар однос при првото душкање. Можете да го направите ова со покажување на работите што се од бебето, за миленичето да се навикне на мирисот уште пред да пристигне бебето. Кучињата веројатно ќе реагираат веднаш и ќе сакаат да истражат сè за потенцијалната конкуренција, додека мачките ќе покажат љубомора на поинаков начин и ќе бидат рамнодушни кон вас. Кога ќе го донесете вашето бебе од болница, дозволете му на вашето домашно милениче да го душка и така да го воспостави првиот контакт со него.
Ново правило: Безбедноста на бебето е на прво место
Вашето домашно милениче досега можеше да прави сè што сака, но овие работи се менуваат кога ќе пристигне бебето. На вашето домашно милениче веројатно ќе му пречи плачот на бебето или на бебето ќе му пречи лаењето на кучето. Затоа, најдобро би било бебето и миленичето да бидат одделени на почетокот. Бидете внимателни при првите контакти. Ако вашето домашно милениче досега спиеше со вас, направете му катче каде што ќе се чувствува посебно.
Дозволете им да играат заедно
За да ги зближите вашето бебе и миленичето, тие треба да играат и да поминуваат време заедно, но под ваш надзор. За вашето домашно милениче да не се чувствува запоставено, вклучете го додека играте или додека шетате со вашето бебе. Избегнувајте да играте со вашето домашно милениче кога вашето бебе спие, бидејќи тоа ќе предизвика спротивен ефект. Од четвртиот, петтиот месец, кога бебето веќе ќе почне да го забележува миленичето, земете го за раката и галете го кучето или мачката. Исто така, бебето може да биде мотивирано да почне да лази гледајќи го кучето како игра и трча по топката. Децата што растат со домашно милениче се развиваат правилно. Зближувањето на вашето бебе и на животното ќе ги направи најдобри пријатели.
Грижете се за хигиената
Со оглед на тоа што и бебето и миленичето минуваат време во иста просторија, мора да се грижите за хигиената и на животното и на бебето. Всушност, треба почесто да го носите вашето домашно милениче на ветеринар за да избегнете пренесување на несакани бактерии, вируси и болести. Покрај тоа, просториите треба да бидат чисти и дезинфицирани и пожелно е миленичето да биде колку што е можно почисто. Измијте ги рацете откако ќе го погалите миленичето, редовно стрижете му ја косата и кратете му ги ноктите.
Прочитајте зошто вашето бебе го плази својот јазик.