Сексуално преносливи болести што се пренесуваат и без секс
Тоа што не сте сексуално активни или што имате ист партнер подолго време не значи дека сте целосно заштитени од сексуално преносливи болести. Повеќето од овие болести немаат јасни и изразени симптоми, а можете да ги добиете и без никаков полов однос. Најчесто се добиваат од предмети и места што ги користат повеќето луѓе. Па, погледнете како можете да „закачите“ сексуално пренослива болест дури и без секс.
1. Балсам за усни
Постојат два вида херпес – орален и генитален, а двата вида се пренесуваат со директен контакт. Доколку позајмите балсам за усни од личност со орален херпес, можете да го добиете и вие. Од друга страна, вирусите не преживуваат долго на вакви предмети, но сепак е најдобро да имате ваш балсам и да не го делите со другите. Исто така немојте да ги тестирате кармините од продавниците директно на усните, туку на дланката.
2. Брада
Моментално густите и добро средени бради се навистина популарни. Но, тие имаат голем потенцијал да станат погодно место за развој на габи, кои пак можат да предизвикаат габични инфекции и херпес. Густата брада може да ги сокрие и симптомите за проблемите со кожата, па важно е добро да ја одржувате нејзината хигиена, односно често да ја миете, чешлате и средувате.
3. Депилација на бикини зоната
Сите жени знаат дека депилацијата воопшто не е пријатна. Покрај тоа, доколку вашиот козметичар користи исто стапче за апликација и за други муштерии, постои шанса да се заразите со некоја полово пренослива болест.
Исто така некои истражувања покажале дека отстранувањето на влакната од бикини зоната го зголемува ризикот од заразување со полово преносливи болести. Срамните влакна се како штит на вашите гениталии.
4 Солариум
УВ зрачењето ги убива бактериите, но претераното одење во солариум може да резултира со поголема отпорност на бактерии кои веќе се наоѓаат на вашето тело. Исто така во солариумите се наоѓаат разни габи, вируси и бактерии како херпес, ХПВ вирус и фекални бактерии. За да го намалите ризикот, најдобро е да го исчистите солариумот пред и по употреба.
5. Тетовирање и пирсинг
И кај тетовирањето и кај пирсингот најважна е хигиената. Повеќето салони ја одржуваат хигиената на инструментите, но треба да внимавате на иглите кои можат да пренесат хепатит Б или Ц, па дури и ХИВ вирус.
Погледнете ги и сексуално преносливите болести со кои можете да се заразите дури и ако користите презерватив.